недела, 27 октомври 2024

Вучиќ: Србија плаќа висока цена за својата воена неутралност

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во своето вечерашно обраќање до јавноста кажа дека Србија се наоѓа во исклучително тешка политичка ситуација и поради својата геополитичка позиција плаќа висока цена.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Прогонот на Србите од северот на Косово е брутално подготвен, а од другата страна се слуша „организиран молк“, кажа Вучиќ. Најави дека на крајот на април на дневниот ред ќе биде и резолуција за геноцид во Сребреница која ја подготвуваат Бошњаците.

„Кога ни префрлаа за тоа што на дневниот ред се обидуваа да ја стават противправната НАТО агресија, двајца амбасадори ни кажаа дека се враќаме 25 години во минатото, а сега не враќаат речиси 30 години во минатото. Во Сребреница се случи ужасно злосторство“, кажа Вучиќ со напомена дека резолуцијата се најавува за притисок врз Србија и идејата српскиот народ да биде казнет за својата независна политика.

„Поради тоа подоцна ќе бараат воена отштета од Република Српска“, кажа Вучиќ и додаде дека „ќе биде тешко“ да се одбрани позицијата на Србија бидејќи „колективниот Запад ќе биде против“.

Истакна дека „ден подоцна“ западните моќници ќе тврдат дека според нив „геноцидни творби“ не можат да постојат.

„Според Дејтонскиот договор Република Српска мора да постои и никој нема право да ја укине. Јасно ви е со што ќе се соочиме. Веднаш следниот ден, врз основа на необврзувачка пресуда, ќе бараат и воена отштета од Србија и сè останато што најавуваа. Само сакам да ви кажам во каква тешка ситуација ќе нè доведат западните сили“, кажа Вучиќ.

„Ние ќе се бориме, мали сме, а сите тие сили се против нас. Тие мора да соберат две третини за тоа, но ќе биде тешко за нас“, кажа српскиот претседател, повторувајќи дека Србија е на европскиот пат и дека од тој пат не се откажува, иако ситуацијата е сè потешка.

Вучиќ кажа дека Србија се наоѓа во исклучително тешка политичка ситуација. „Овој пат, за жал, навистина не по своја вина, туку поради геополитичката ситуација плаќаме висока цена, оцени тој.

Според него, станува збор за целосниот притисок поради воената неутралност, поради односот кон војната во Украина и позицијата во која Србија го осудува нападот врз суверена земја, но не сака да се придружи на санкциите против Русија.

Третата причина е што западните земји се под голем притисок поради напредувањето на руските сили и можните идни политички пораки од Москва засновани на она што го нарекуваат „косовски преседан“, кажа Вучиќ.

„Токму затоа е потребно сето тоа да се тргне од рацете како потенцијален ас во ракавот на Владимир Путин, и тука Србија и српскиот народ често се мета не само на Приштина туку и на сите оние кои ја поддржуваат“, заклучи српскиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ