недела, 27 октомври 2024

Вучиќ: Албански терорист уби српски полицаец

Синоќа во 1 часот по полноќ во Лозница еден полицаец е убиен, додека друг е тешко ранет, а припадниците на МВР на местото на пукањето пронашле косовски пасош на осомничениот на име Хајзири Артан и германска лична карта, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Албанец во терористички чин го убил полицаецот Никола Крсмановиќ во Лозница и дека ќе се направи сѐ за да му се помогне на семејството, но дека овој млад живот не може да се врати.

„Уште еднаш сакам да изразам сочувство до семејството на Никола Крсмановиќ, нашиот полицаец што во терористички акт беше убиен од тој Албанец. Она што можеме да направиме е да му помогнеме на семејството, да изразиме сочувство. За жал, не можеме да го вратиме тој млад живот“, им рече српскиот претседател на новинарите во Лондон, каде што присуствува на Самитот на Европската политичка заедница.

На прашањето дали има нови информации за случајот и дека непосредно пред неговото вклучување се уапсени две лица, тој рече дека е извршено апсење и дека за случајот добива информации од МВР.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ претходно изјави дека во Бјелина е уапсен осомничен што од Прешево кон Лозница превезувал лице што е осомничено дека убило еден и ранило друг полицаец кај Лозница.

„Во Бјелина попладнево во соработка со полицијата на Република Српска е уапсен З.Р. (39), кој е осомничен дека го организирал транспортот на убиецот од Прешево до Лозница“, изјави Дачиќ, соопшти МВР. Како соучесник е уапсена и неговата сопруга И.Р. во Младеновац.

Полициски службеници синоќа околу 00:55 часот во Лозница при контрола на возило на пункт сопреле мерцедес во кој имало две лица, од кои едниот при излегувањето од возилото припукал, погодувајќи го полицаецот Никола Крсмановиќ во градите, а полицаецот Вјекослав Илиќ во рамото, по што побегнал.

На самото место полицијата го пронашла пасошот на осомничениот, издаден од косовските институции на име Хајзири Артан (1991) и германска лична карта.

Големи полициски сили интензивно трагаат по напаѓачот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ