вторник, 22 октомври 2024

Вучиќ: Документот кој го донесе западната петка е многу добра основа за формирање ЗСО

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва во Брисел дека на лидерите на ЕУ, Германија, Франција и Италија им кажал дека Белград е спремен да ги примени сите договори постигнати во дијалогот со Приштина, но дека не може да се согласи на членство на Косово во Обединетите нации и на прифаќање косовска независност.

Објавено на

часот

Сподели

По шестчасовните разговори со европските посредници, кои одвоено се сретнале и со косовскиот премиер Аљбин Курти, Вучиќ на новинарите им кажа дека документот кој „западната петка“ го донела на 21 октомври во Белград и во Приштина е „добра основа“ за продолжување на работата и формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО).

„Тој документ се однесува исклучиво на формирањето на ЗСО, но не можам да зборувам за деталите. Ние кажавме дека тој документ е многу добра основа и дека сме спремни да работиме и веднаш да одиме на примена, со оградата со која и денес ги запознав лидерите на трите најмоќни земји, а тоа е дека не можеме да прифатиме членство на Косово во ОН и прифаќање на независност на Косово“, кажа Вучиќ.

По разговорот со шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџа Мелони, Вучиќ наведе дека „јасно им кажал“ дека Србија сака да ги примени сите договори постигнати во дијалогот од 2013 година до годинешните од Брисел и Охрид.

„Секогаш истакнувавме дека Србија не може да го прифати членството на Косово во ОН ни независност на Косово и на тие позиции кажавме дека сме спремни да го исполнуваме она што е договорено. Целосно сме спремни за формирање на ЗСО, но мислам дека на сите им е јасно кој го кочи напредокот“, додаде српскиот претседател.

Истакна дека денес „никој не спомнал никакви санкции за Србија“ и дека немало збор „за потпишување или непотпишување на нешто“.

Тој кажа и дека НАТО и Кфор се повикуваат на нормите на Кумановскиот договор и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, бидејќи целиот мандат на Кфор е заснован на таа резолуција, но дека е проблем кога западните земји велат дека ќе го поддржуваат формирањето војска на Косово бидејќи немаат тоа да го прават според резолуцијата од 1999 година.

„Кога ќе го поставам тоа прашање, тие веат дека го признале Косово како независна држава и дека според нив тие имаат право на формирање војска. На петката ѝ кажав дека, ако тоа го прават, тогаш не можат да се повикаат на меѓународното право, туку да кажат дека се многу силни и дека можат сè“, додаде Вучиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ