За разлика од соседите, во Македонија потешко се создаваат врвни тенисери, селекторот на јуниорите во македонскиот тенис, Круно Деспотовски смета дека мора да се работи на едукација, не само на тренерите, туку и на родители. Тренингот на тенискиот терен е само еден сегмент од работата која треба да донесе успех.
„Најважно за развојот на еден млад тенисер е врската меѓу тренерот, родителот и играчот. Не е важен само тренингот на терен, многу е важно како работи тенисерот и надвор од тоа време, колку работи на фитнес, колку работи на опоравување… многу важна е поддршката од родителите. Доколку функционира таа врска меѓу тренерот, родителот и играчот, ако секој преземе поголема одговорност во својот домен, мислам дека ќе има напредок во овој спорт. За да можеме да произведуваме тенисери кои ќе бидат конкурентни во европски рамки, најважна е едукацијата и на родителите и на тренерите додека играчите се сѐ уште млади, треба да знаат како се гради тенисерот и на теренот, но и надвор од него“, вели Деспотовски.
Македонија не е тениски помалку талентирана земја од околината, тоа што ја прави разликата за успех од неуспех е работата.
„Талентот не е пресуден, за пример ќе го земам Калин Ивановски, тој не е толку голем талент колку што многу работи, сигурно работи по 4-5 часа двено, секој ден. Во тие часови не е вклучен само класичниот тениски тренинг, туку тој работи на фитнесот, кардио, опоравување…“.
„Македонија нема помалку талентирани тенисери од земјите кои произведуваат големи играчи, разликата е во работата, во тоа колку време одвојуваат за да станат врвни тенисери. Спортската култура во другите земји е на многу повисоко ниво, тие се свесни дека за да станеш врвен спортист, мора многу да работиш и надвор од тој редовен час на тренинг што го имаш со тренер. Затоа велам дека едукацијата на сите чинители е многу важна за да се успее. Треба сите да се ангажираме ако сакаме нашите деца да го видат бенефитот од тенисот, не мислам на тоа сите да станат светски тенисери, туку да се изградат во вистински спортски личности од кои ќе можат да се угледаат некои следни генерации“.
Тенисот е спорт кој бара и големи финансии, многу често токму тие ја прават разликата дали некоја тениска кариера ќе продолжи или ќе застане во еден момент. Но, Деспотовски сака да размислува оптимистички и верува дека со посветеност и напорна работа може да се направат резултати.
„Точно е дека тенисот е спорт за кој се потребни и многу финансии, велат дека во сиромашни земји мисијата за создавање на големи тенисери е скоро невозможна, но јас верувам дека со многу работа и посветеност може да создадеме играчи кои ќе бидат добри репрезенти на Македонија. Не велам дека тоа би биле тенисери во топ 100, но би можеле да дојдат меѓу 200. и 300. место. Се трудиме преку федерацијата да обезбедиме финансии за настапи на турнири на јуниорите, од голема помош за тенисот е и ваучер системот, има подобрување во тој поглед иако тоа не се ни десет проценти од финансиите кои се потребни за еден натпреварувач, но да речеме дека има некое позитивно поместување кое се надевам дека ќе продолжи и во иднина“.
Ристе Ѓорѓиевски