четврток, 24 октомври 2024

Возач на ЈСП ќе одговара за сообраќајка во која загина малолетник кој возел без дозвола

Постапувајќи по кривична пријава, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против 51-годишен скопјанец бидејќи постои основано сомнение дека сторил кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Објавено на

часот

Сподели

Осомничениот, на 12 август, управувајќи автобус сопственост на ЈСП Скопје по општинскиот пат Шуто Оризари –Горно Оризари, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето, информираа од ОЈО Скопје.

„Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата Александар Урдаревски, постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока. Дејствието го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил форд галакси со скопски регистарски ознаки, со кого управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило. При ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност“, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје.

Надлежниот јавен обвинител за осомничениот возач предложил мерки на претпазливост, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ