вторник, 22 октомври 2024
Телеграф

„Војната“ на првите дами: зошто семејството Обама молчи и не го поддржува Бајден

Во време кога на претседателот Бајден му е потребна сета поддршка што може да ја добие, поранешната прва дама Мишел Обама упадливо молчи. Медиумите шпекулираат дека причина за тоа е раздорот што се појавил меѓу поранешната и сегашната прва дама, Џил Бајден.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лошиот настап на претседателот Бајден (81) во дебатата против потенцијалниот републикански кандидат Доналд Трамп покрена нови прашања за неговото здравје, возраст и способности. Сепак, првата дама (73) Џил Бајден застана во одбрана на својот сопруг.

Говорејќи на митинг за собирање средства во Њујорк, професорката Бајден рече: „Џо не е само вистинската личност за таа работа. Тој е единствената личност за таа работа!“

Зошто Мишел Обама им е лута на Бајденови

Додека Бајден се обидува да ги спаси своите шанси за втор претседателски мандат, зад сцената се случува интересна интрига во која е вклучена поранешната прва дама, Мишел Обама.

Медиумите ја пренесоа веста, која прв ја објави Аксиос, дека Мишел Обама сериозно му замерува на семејството Бајден, особено нивниот однос и третманот кон поранешната снаа Кетлин Бул, откако таа се разведе од нивниот син Хантер Бајден.

Наводно ова било причината поради која поранешната прва дама, која и понатаму е многу популарна меѓу демократските гласачи, заедно со нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Барак Обама, одбила јавно да го поддржи Џозеф Бајден.

Во исто време, додека поранешната прва дама упадливо молчеше за поддршката за реизбор на претседателот Бајден, таа стана многу блиска со Бул и, наводно, била жестоко го критикувала начинот на кој семејството Бајден се однесувало кон неа за време на откритијата за употребата на дрога и неверствата на нејзиниот сопруг за кои таа сведочеше на судењето на Хантер Бајден.

Медиумите пишуваат дека Мишел Обама им замерувала на Бајденови што ја отфрлиле Бул, а ѝ пречел и нивниот однос кон вонбрачната ќерка на Хантер, Нејви Џоан Робертс, која сега има пет години. Ланден Робертс жестоко ги нападна Бајденови дека ја „отфрлиле“ нејзината ќерка, која ја има со Хантер, а претседателот дури пред една година го призна своето седмо внуче.

Откако се разведе од Хантер, со кого има три ќерки, Бул минатата година основаше многу влијателен социјален клуб за жени лидери, „Куќата на 1229“ (The House at 1229), со седиште во градот Вашингтон.

Организацијата „Куќата на 1229“ на својот профил на социјалните мрежи наведува дека е составена од „заедница на жени со различно потекло и искуства што споделуваат исти основни принципи“. Непрофитната организација е домаќин на различни настани во главниот град на нацијата – собирање средства, разговори и промоција на книги што покриваат низа теми.

„Мишел е сојузник на ‘Куќата на 1229’, но не присуствува на повеќето настани. Таа има свои групи за јакнење на жените што ги поддржува, но не би бил изненаден кога Куќата наскоро би ѝ доделила некоја награда“, вели извор за британски Телеграф.

Што се однесува на д-р Џил Бајден, таа сигурно нема да се појави во „Куќата на 1229“. Се шпекулира дека отуѓувањето на нејзиното семејство од Мишел Обама е последниот пресврт во комплицираните односи меѓу политичките династии Бајден и Обама. Како лути ривали во 2008 година за демократската номинација за претседател, Обама го избра Бајден за свој потпретседател и двете семејства се зближија во текот на двата мандати во Белата куќа.

Во 2011 година Мишел Обама и Џил Бајден соработуваа на иницијатива за поддршка на семејствата на војниците. „Џо Бајден му беше одличен потпретседател на Барак од многу причини, вклучително и фактот дека нашите две семејства веднаш се вклопија“, напиша Мишел Обама во својот бестселер „Станување“ (Becoming).

Меѓутоа, бидејќи Обама и Бајден се сосема различни личности, односот меѓу двете политички династии се влоши кога тогашниот претседател отворено ја фаворизираше Хилари Клинтон пред Бајден како демократски претседателски кандидат во 2016 година.

„На Барак Обама му беше потребен Џо Бајден за да обезбеди стабилност и да го поврзе со естаблишментот во Вашингтон кога тој се кандидираше“, изјави демократскиот политички стратег Метју Клинк за Телеграф. „Меѓутоа, тој однос се промени кога претседателот Обама ја презеде функцијата.“

„Џо Бајден е машина за гафови, а за Барак Обама тие испади беа многу фрустрирачки. Не заборавајте на изјавата што многумина му ја припишуваат на Обама: ‘Никогаш не ја потценувајте способноста на Џо да се за*бе’. Сега Џо Бајден треба да биде тесно поврзан со најпопуларниот демократ во САД за да покаже сила и да ја одржи партијата обединета. Но Обама чудно молчи“, истакна Клинк.

Поранешен помошник на Бајден за Телеграф изјави дека не е изненаден од моменталната ситуација во која се наоѓа претседателот. „Дисфункционалноста што ја видов денес во кругот на Бајден е очигледна“, нагласува тој. „Тесноградоста на Бајден беше застрашувачка, а моето искуство и она на многу мои пријатели беше фрустрирачко бидејќи нивниот јавен имиџ е толку различен од реалноста.“

Тој додава дека тие, исто така, не биле особено изненадени кога слушнале за тензиите меѓу Бајденови и Мишел Обама: „Барак го исфрли Џо на површината во 2016 година. но мора да го доведете во прашање судот за тоа колку Џил Бајден навистина ги штити интересите на претседателот Бајден. Јас неколку години работев за Џо Бајден и се сеќавам дека Џил еднаш ме праша: ‘Секогаш си присутен на неговите настани и секогаш те гледам, но кој си ти?’ Таа немаше поим што правам! Никогаш не чувствував дека таа е сериозен стратег што има какво било друго влијание освен да го советува кое сако да го облече“.

Други, пак, предупредуваат дека е лесно да се потцени поддршката што ја има Џил Бајден. Почитуваниот новинар Џозеф Епштајн го дозна ова на потешкиот начин кога напиша едиторијал за Волстрит џурнал во 2020 година во кој ја исмеваше Џил Бајден за користењето на почесната титула на доктор што ја доби.

„Бев запрепастен од реакциите што дојдоа во Волстрит џурнал поради мојот текст“, рече Епштајн за Телеграф. „Добив стотици мејлови, претежно од жени, во кои ми порачуваа да умрам и ме нарекуваа со различни имиња, од кои највпечатливо беше „еврејски пе..р““, вели новинарот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ