недела, 14 јули 2024

Во Струга почнува Преспа форум, доаѓаат Милановиќ, Курти, Милатовиќ, Бегај, Абази…

Објавено на

часот

Сподели

Во хотел „Дрим“ во Струга денеска почнува третото издание на Преспа форумот за дијалог насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?”, организиран од Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.

Како што соопшти МНР, насловна тема на годинашниот Преспа форум е обединета Европа како клучен фактор за долгорочната безбедност и стабилност на континентот, пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континентот во Европската Унија.

На дводневниот форум на едно место ќе бидат присутни видни домашни и меѓународни високи претставници, дипломати, истакнати личности од академската и деловната заедница, граѓанското општество и претставници на младински организации, коишто ќе имаат одлична можност да ги споделат нивните анализи, мисли и идеи за најактуелните регионални и меѓународни теми.

Меѓу потврдените учесници се новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на Албанија, Бајрам Бегај, претседателите на Владата на Црна Гора и Косово, Дритан Абазовиќ и Аљбин Курти, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, министрите за европски прашања од Србија и Албанија, Тања Мишевиќ и Мајлинда Дука, Питер Бурк од Ирска; Мартин Дворак од Чешка, генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмит, генералниот потсекретар на Обединетите нации, Мирослав Јенча, генералната потсекретарка на UNDP, Ивана Живковиќ и др.

Во рамки на форумот, ќе бидат потпишани Меморандум за разбирање помеѓу Регионалната иницијатива за миграција, азил, бегалци (МАРРИ) и Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ) како и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Пријатели на Европа (Friends of Europe). 

„Руската агресија во Украина не потсети на потребата од обединета Европа посветена на заштита на нејзините вредности и интереси. Не постои релевантна научно политичка мисла која не ја става темата на обединета Европа како клучен фактор за обединетост и стабилност на континентот пресликан преку зајакната и забрзана интеграција на останатите земји од континетот во ЕУ. На овогодинешниот форум ќе разговараме колку е возможно оваа мисија да биде исполнета до крајот на оваа декада или проширено европско семејство до 2023 година“, рече во вторникот на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Тој додаде дека со изборот на Струга оваа година ја признаваме богатата историја на културна размена на градот и уште повеќе ја додававаме Струга на Охрид како два града кои не се само симболи на Охридското Езеро, туку и места кои инспирираат Отворен дијалог и продуктивни дискусии. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ