Коњаниците ги пречека градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, Томе Христовски посакувајќи им добредојде и да е вековит големиот Илинден.
Во меѓувреме, во тек е полагањето венци и свежи цвеќиња на бројните делегации на значајни востаници и дејци: на гробот на Питу Гули на Гумење, на партизанските гробишта, пред криптата во споменичниот комплекс Илинден, на гробот на Тоше Проески на Гумење.
Делегацијата на Министерството за култура и туризам ја предводи министерот Зоран Љутков.
Од 20 часот на Гумење во Крушево свечено ќе бидат отворени културно – научните средби „10 дена Крушевска Република“, манифестација која од годинава е национална.
На Манифестацијата ќе биде подигнат бајракот на Крушевската Република, симболично ќе се испука од Црешовото топче, а пред присутните ќе се обратат градоначалникот на Крушево и претседател на Манифестацијата, Томе Христовски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, по што официјално почнуваат чествувањата за големиот Илинден и 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.