петок, 18 октомври 2024

Во ќор-сокак пред Њујорк

Објавено на

часот

Сподели

Јолевски и Нимиц пред нова рунда

Состаноците во Њујорк речиси и не си најдоа место во главните грчки медиуми, а и кога ги имаше, тоа беше со песимистички забелешки за високата цена на целата процедура. „Никој не очекува никаков развој од овие состаноци, зашто и Скопје и Атина се чини дека имаат други приоритети во моментов“, коментира дневниот весник Катимерини.

Ултранационалистичките – и, за жал, мошне популарни – медиуми, како солунски Таксалија, остро ја критикуваат Владата за учеството во разговорите среде ваквата длабока финансиска криза. „Единствениот што добива нешто од овие состаноци беше, е и секогаш ќе биде медијаторот метју Нимиц, кој прима 450.000 долари годишно за своите услуги“, тврди блогот (лажно, се разбира, затоа што специјалниот претставник на ОН не добива пари за своите услуги). Ултрадесничарскиот весник Стохос известува дека двајцата преговарачи, Василакис и Јолевски, си подготвуваат „уште еден краток одмор во Њујорк“, на сметка на грчкиот народ.

Во таква клима, грчкиот Институт за одбрана и надворешна политика (ЕЛИАМЕП) вчера организираше тркалезна маса за иднината на грчко-македонските односи, по одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП) минатиот месец. Учесници беа европарламентарецот од Неа демократиа и бивш портпарол на Министерството за надворешни работи на Грција, Јоргос Кумуцакос, бившиот амбасадор во Македонија и во САД Александрос Маљас и најугледниот советник на речиси сите бивши грчки министри за надворешни работи Евангелос Кофос.

На иста линија со тврдокорниот националист, лидерот на Неа демократиа Самарас, Кумуцакос го повтори предлогот дека Грција треба да се повлече од Привремената спогодба од 1995 со Македонија ако Скопје не покаже никакви знаци на соработка. Европарламентарецот провокативно го нападна МСП за одлуката против Грција и го обвини Судот дека ги игнорира грчките аргументи и контрадокази, кои докажуваат дека – според Кумуцакос – Македонија ја прекршила спогодбата пред Грција. Тој продолжи со тврдењето дека пресудата на МСП е базирана на „некомплетни податоци“, дека е „чисто формална“ и дека „нема речиси никакво законско значење“.

Како вистински „производ“ на грчката современа политика, Кумуцакос додаде дека Грција ја почитува одлуката, но има полно право и да ја критикува. Она што тој не го кажа, се разбира, е дека Грција ги почитува само одлуките на Судот што се во нејзина корист. И покрај тоа што Европскиот суд за човекови права ја осуди во случајот „Дом на македонската култура“, Грција тврдоглаво одбива да ја признае таа асоцијација во последниве 22 години и ја спроведува истата тактика и по најновата пресуда против неа во случајот „Турско здружение на Ксанти“. Грција не ги прифаќа придавките „македонски“ или „турски“ во ниедна форма и одбива да регистрира такви организации, и покрај одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Во сличен излив на неспремност да се признае вистината, грчките медиуми и огромно мнозинство политичари речиси ја поздравија скорашната одлука на МСП само затоа што Судот не ѝ наредил на Грција да се придржува до неа и во иднина да не го блокира влегувањето на Македонија во НАТО и ЕУ.

Јоргос Пападакис

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ