среда, 30 октомври 2024

Во иднина ќе имаме електронски паричник, лична карта и возачка дозвола, документи ќе се вадат преку мобилен телефон

Заменик министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски денеска најави револуционерна демократизација на јавните услуги кои ќе можат да се добиваат преку мобилен телефон.

Објавено на

часот

Сподели

Варџиски откри дека преку апликацијата на програмата “Дигитална Европа” за изработка мобилна апликација за мобилни услуги – супер апликација ЕЛИ, Македонија се движи кон револуционерна демократизација на јавните услуги.

“Со оваа апликација ќе се отвори можност за воведување на ИД – паричник, дигитална верзија на лични карти и возачките дозволи со кои граѓаните ќе се идентификуваат при користење на дигитални услуги преку својот мобилен телефон, а истата ќе биде поврзана и со порталот услуги.гов.мк”, рече Варџиски на дваесет и третиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК), во рамки на втората тема посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионалните јавни услуги“.

Варџиски појасни дека со отворање на нови Центри за услуги на повеќе локации, услугите кои се достапни на порталот услуги.гов.мк ќе бидат уште поблиску до граѓаните и на дофат на оние кои немаат техничка можност и вештини самите да гo користат порталот.

“Иако предизвиците се навистина големи, имаме јасна визија и конкретен план како да ги надминеме. Со систематски пристап и посветен тим, можеме да изградиме дигитален екосистем кој ќе ги следи последните технолошки трендови и успешно ќе им служи на граѓаните и на државата”, потенцираше Варџиски.

Тој уште кажа дека формирањето на Министерството за дигитална трансформација е стратешки чекор кој ја потврдува определбата на Владата да ја постави дигитализацијата како еден од своите највисоки приоритети.

„Нашиот пристап е ориентиран кон потребите на граѓаните и токму затоа со интегриран систем сакаме да го олесниме пристапот на корисниците до онлајн услугите за граѓаните, до информациите поставени на официјалните веб страни на министерствата и Владата, како и да ја убрзаме и подобриме размената на податоци помеѓу институциите,” истакна Варџиски.

Во таа насока, рече заменик министерот, министерството работи на создавање единствена централизирана и унифицирана платформа на владини веб страници, кои ќе бидат заштитени преку еден софистициран систем, ќе бидат оптимизирани, и со поголема пристапност за лицата со попреченост.

„Наскоро ќе следи и редизајн на порталот услуги.гов.мк согласно последните трендови и практики, со тенденција да стане единствена точка помеѓу јавните услуги во државата и граѓаните, а притоа да биде интуитивен и лесен за употреба”, истакна Варџиски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ