вторник, 22 октомври 2024

Во Бугарија нема само Македонци и Помаци, а има 9 други етнички малцинства

Објавено на

часот

Сподели

Тенденциозното криење информации од јавноста е многу важна алатка за постигнување на целите на оние што располагаат со политичка моќ. Тие вообичаено кријат информации за да не бидат откриени нивните сомнителни намери, доведувајќи ги притоа граѓаните во заблуда со пласирање лаги или полувистини. Такви примери има многу на домашен план, но и односите меѓу државите не се имуни од оваа пракса на ширење лажни вести. Криењето важни информации од јавноста, како дел од пропагандните алатки на информирањето за време на војна, речиси редовно се случува на меѓународната сцена, што е особено видливо од војната во Украина. Но, и односите на Македонија со соседите се плодна почва за ваков тип дезинформации.

Класичен пример на криење информации од јавноста се случува на примерот на идентитетскиот спор помеѓу Македонија и Бугарија, кои се во дипломатска војна, иако постигнувањето на целите на таа агресија може да има далекусежни последици по македонскиот идентитет. Едно од прашањата за кое подолго време се зборува во македонската јавност е односот на официјалните власти во Софија кон македонското малцинство таму.

Всушност, целиот апсурд на бугарско-македонскиот спор се огледа токму во прифаќањето на т.н. Француски предлог и усвојувањето на Преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, каде што македонската Влада го прифати условот Бугарите да влезат во македонскиот Устав за да почнеме да отвораме поглавја во преговорите со Брисел. Значи, Бугарија не признава Македонци и одбива да ги регистрира нивните здруженија, и покрај пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а истовремено условува Македонија да ги впише овдешните Бугари во својот Устав и да ги гарантира сите нивни човекови права. Оваа, дипломатски речено, асиметрија во односите меѓу две суверени држави, а всушност злоупотреба на позицијата на моќ, како земја членка на ЕУ, бугарските челници, но и политички претставници на власта во Македонија, се обидуваат да ја оправдаат и со една стопати повторувана реченица – дека Бугарија не признава малцинства. Никакви малцинства, не само Македонци!

Така, чести се оправдувањата што доаѓаат од официјална Софија дека бугарскиот устав не препознава етнички малцинства, па според тоа Бугарија не може да признае ниту Македонци. Еве една таква изјава на потпретседателката на Бугарија, од 17 април 2022 г. при нејзината посета во Охрид, која ја пренесуваат мнозинството македонски медиуми меѓу кои и ТВ Телма:

Во бугарскиот устав нема малцинства и тој почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот…“

За жал, ваквата изјава на Јотова, како и сличните оправдувања што доаѓаат од таму, освен редовно спомнување на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за регистрација на македонските здруженија, не поттикнаа посериозни истражувања во Македонија, за тоа каква е правната и фактичката состојба со етничките малцинства во Бугарија. Дали е проблемот само во бугарскиот устав и дали навистина Бугарија не признава и воопшто не препознава етнички малцинства?

Уставот не е пречка за правата

Што се однесува до бугарскиот устав, дури и од највисоки претставници на власта во Македонија, како на пример, министерот за надворешни работи Бујар Османи, но и од медиуми блиски до владеачката коалиција, тој се користи како алиби зошто Бугарија не ги признава Македонците. Но, според анализата на претставници на здруженијата на Македонците во Бугарија, највисокиот бугарски државотворен акт не е никаква пречка за правата на малцинствата кај нашиот источен сосед.

Красимир К’нев, претседател на бугарскиот Хелсиншки комитет, организација која уште од своето основање се залага за признавање на идентитетот и гарантирање на правата на Македонците во Бугарија, за состојбата со правната заштита на малцинствата во Бугарија, вели:

„Нивото на заштита на малцинствата на уставно и законско ниво во Бугарија е ниско. Ова е првенствено резултат на долгогодишната политика на комунистичкиот режим на негирање и сузбивање на етничкиот идентитет на сите малцинства во земјата. Стремежот беше да се постигне ‘чиста социјалистичка нација’, нешто што неминовно доведе до негирање на самиот факт на постоење на етнички/национални малцинства. Новиот бугарски устав, кој беше донесен на самиот почеток на демократската транзиција и под доминантно политичко влијание на поранешната комунистичка партија, донесе прописи врз кои значително влијаеше оваа политика. Нејасните одредби од уставот и законодавството и денес им даваат причина на голем број политичари, вклучително и претседателот Радев, да тврдат дека начинот на кој се гарантираат човековите права во бугарскиот устав не дозволува признавање на ниту едно малцинство во Бугарија“, вели тој.

Па сепак, бугарскиот устав не е целосно рамнодушен кон етничките малцинства. „Нова Македонија“ во текст од 18 јануари 2023 г. со наслов „Бугарија не си го почитува ниту сопствениот устав“ пишува за чл. 6 од Уставот на Република Бугарија, кој не дозволува ограничување на правата поради етничка припадност. Таму, се вели:

„Сите граѓани се еднакви пред законот. Не се допуштаат никакви ограничувања на правата или привилегиите врз основа на раса, народност, етничка припадност, пол, потекло, религија, образование, убедувања, политичка припадност, лична и општествена положба или имотна состојба“.

Значи, иако во Уставот не се наведени експлицитно етнички малцинства, никому во Бугарија не може да му бидат ограничени правата засновани, меѓу другото, и на етничка припадност и тие може да ја развиваат својата култура. Со други зборови, ниту на Македонците во Бугарија не можат да им бидат ограничени правата.

н

Членот 6 од Уставот на Република Бугарија не дозволува ограничување на правата поради етничка припадност

А како Бугарија во пракса „не ги ограничува правата засновани на етничка припадност“? Секое лице, кое му припаѓа на некое етничко, религиозно или јазично малцинство, според бугарските закони, има право да избере дали да биде третирано дека му припаѓа на одредено малцинство или не, без од тоа да произлезат какви било непријатни последици. Ова право се реализира преку пописот на населението, за време на кој секој доброволно може да ја посочи својата етничка припадност, мајчиниот јазик и вероисповедта, а ако не сака, може и да не го направи тоа.

На последниот попис во 2021 г. како што известува веб-страницата за вести „Сега“ 1.143 лица се запишале како Македонци и уште 508.378 Турци, 266.720 Роми, 15.000 Помаци, 14.000 Руси, 11.000 Бугари мухамедани, 5.306 Ерменци, 3.239 Украинци, 2.894 Англичани, 2.071 Каракачани, 1.625 Грци, 1.153 Евреи, 1.129 Татари, 865 Италијанци, 824 Полјаци, 683 Романци.

Национален совет – владино тело за заштита на идентитетот на етничките групи!

Но, дали тука завршува реализацијата на уставната определба за неограничувањето на правата засновани на етничка припадност? Се разбира, не!

„Гласот на Америка“ на македонски јазик на 10 август 2022 г. објави информација со наслов „Бугарија има обврска да ги заштити правата на македонското малцинство, вели извештај на ОН“. Канцеларијата за човекови права на ОН за „Гласот на Америка“ го посочила Извештајот што независен експерт за малцински права го доставил до Советот за човекови права на ОН во 2011 г. според кој Бугарија се повикува да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство. Во тој извештај, како што се наведува во текстот, пишувало дека „македонскиот јазик не се признава ниту се учи во училиштата и Македонците не се застапени во Националниот совет за соработка на етничките и интегративните прашања“.

Ова е една од ретките објави во Македонија, кога воопшто се спомнува дека во Бугарија постои „Национален совет за соработка за етнички и интегративни прашања“. Но, и таа очигледно не била доволен предизвик подетално да се истражи темата за правниот и институционален статус на етничките малцинства во Бугарија.

Впрочем, на веб-страницата на Бугарскиот Хелсиншки комитет во врска со статусот на етничките малцинства во државите, меѓу другото се вели:

„Постоењето на едно етничко/национално малцинство е прашање на факт. Тоа не произлегува од неговото признавање од државата. Напротив, државата има обврска да го признае кога тоа постои. Признавањето може да се оствари со различни средства. Во некои земји малцинствата се наведени во уставот и во законите; во други – во административни акти; во трети – во судски одлуки (на пример за признавање на здружение на определено малцинство)“.

Токму Националниот совет за соработка за етничките и интегративните прашања, кој не е некакво здружение на граѓани или невладина организација, туку владино тело, кое го води вицепремиер, е институционалното решение на Бугарија за етничките малцинства. Еве го и описот на неговата веб-страница:

„Националниот совет за соработка за етничките и интегративните прашања (НССЕИП) е координативен и консултативен орган, кој ѝ помага на Владата во разработувањето и спроведувањето на државната политика за етничките и интегративните прашања. Претседател на НССЕИП е заменик министер-претседател, определен со одлука на Министерскиот совет (Владата – н.з.) на предлог на министер-претседателот (премиерот – н.з.)“.

Во март годинава, за претседател на овој совет беше избран сега веќе поранешниот министер за труд и социјална политика Лазар Лазаров.

Во членот 2 од Правилникот за основање и за дејноста на Националниот совет за соработка за етничките и интегративните прашања на Министерскиот совет од 2011 г. наведени се целите што треба да ги постигне Националниот совет, меѓу кои „создавање и развивање на услови, неопходни за бугарските граѓани кои припаѓаат на етничките малцинства, да поддржат и да развиваат своја култура, како и да ги зачуваат најважните елементи на својот идентитет – религија, јазик, традиции и културно наследство.“

12 традиционални етнички малцинства

Значи, де јуре Бугарија во 2011 г. прифатила дека има граѓани кои припаѓаат на етнички малцинства и дека Националниот совет треба да создаде услови тие да си го зачуваат идентитетот. На веб-страницата е исто така поместен текст со наслов Етнички малцински заедници, каде што се вели:

Во Бугарија историски се формирале неколку типа малцински групи: Традиционални (формирани до 1878.) етнички малцинства, меѓу кои се набројани следните 9 поголеми етнички групи: Турци, Роми, Руси, Ерменци, Власи, Каракачани, Грци, Татари, Евреи и за сите е наведено нивното потекло. Малубројни (под 1000 души) традиционални етнички малцинстваСрби, Черкези, Албанци и други. За сите нив се наведени бројките од пописот во 2011 г. (страницата не е обновена со податоци од пописот од 2021 г.).

б

                            Текст за етничките малцински заедници на вебстраницата на Националниот совет

Со други зборови, ова значи дека официјално Бугарија прифаќа етнички малцинства на својата територија формирани до 1878 г. односно до 3 март 1878 г. кога по руско-турската војна со Санстефанскиот мировен договор е формирана современата бугарска држава.

Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден Пирин, во врска со односот на Бугарија кон етничките малцинства, вели:

„Често повторуван став од владите во Бугарија е дека во Бугарија нема малцинства, во секој случај не и национални малцинства, а исто дека се даваат само индивидуални но не и колективни права. Бугарија ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, но тоа го направи само кон ограничен број „етнички групи“ меѓу кои се Турците, Ромите и Евреите. Националниот совет за соработка за етничките и интегративните прашања е владина институција создадена да ја координира државната политика спрема ‘етничките малцински заедници во Бугарија’. Најдобро се третирани од институциите турското, ромското, еврејското и ерменското малцинства, ромското – поради европските програми за интеграција кои носат сериозно финансирање. Турците се политички најдобро организирани, но како малцинство имаат минимални права: вести на турски јазик на националната телевизија – 9 минути на пладне, без викендите. Тие се емитуваат од 2000 г. и се единствените вести на малцински јазик во Бугарија. Признатите групи имаат свои организации од кои некои се вклучени во Националниот совет, од кого  се добива финансирање за иницијативи, весници, книги, и културни пројави, но таа помош е скромна и често – симболична“, вели тој.

Во однос на мајчиниот јазик, во Бугарија е овозможено изучување само на следните јазици: турски, еврејски, ерменски, ромски и тоа само во основното образование од 1 до 7 одделение. Обуката не е задолжителна, таа е изборна – факултативна, вклучена е во листата на задолжително-изборните предмети, т.е. листа од која мора задолжително да се избере некој предмет, и во листата на слободно изборните предмети, при што се добива можност да изучува соодветно 3 или 4 часа неделно. За да може детето да изучува таков јазик е потребно пишана согласност од родителите. Малцинските заедници се жалат од немање нови и квалитетни учебници за таквите предмети и подготвени учители. Поради бројните проблеми и остро непријателскиот однос во општеството спрема малцинствата генерално и спрема изучувањето на јазик различен од бугарскиот, многу малку деца од малцинствата го изучуваат нивниот јазик во училиште. Статистика од 2015 покажува дека помалку од 8.000 ученици ги посетувале овие часови при регистрирани на пописот 932.296 луѓе кои изјавиле дека имаат друг мајчин јазик од бугарскиот.

Во општеството владее висока степен на нетолеранција спрема малцинствата и самиот збор малцинство е пежоративен. Особено лошо се гледани Турците и Ромите, но најмногу – оние што изразуваат македонска самосвест.

Во текстот на веб-страницата на Националниот совет се спомнува и јазичното малцинство Гагаузи, кои се определувале како Бугари, но зборуваат јазик од турската група на јазици, како и имигрантски групи во Бугарија, формирани по 1878 г., меѓу кои: Украинци, Пољаци, Виетнамци, КинезиГерманци, Чеси и др.

За состојбата со правата на Ромите во Бугарија, Емил Методиев, кој е дел од Ромската постојана конференција – движење основано во Бугарија во 2018 година кое работи на политика за подобрување на правата на Ромите, вклучително и нивно политичко претставување, вели:

„Ромите сè уште не се официјално признати како малцинство во бугарскиот устав. Ромите се гледаат како етничка група, затоа не се предвидени конкретни активности, програми или иницијативи. Националниот совет за соработка за етнички и интегративни прашања не е орган за одлучување, ниту се занимава само со ромски прашања, туку општо со етничките групи. Иако тоа е структурата што делува како контакт точка со ЕУ во однос на Ромите, вклучувајќи ја и Стратегијата за интеграција на Ромите. И додека постои одобрена Стратегија за 2021-2030 година, не гледаме дека токму тоа тело ја спроведува стратегијата. Потребни се големи промени и реконструкција на советот – ова го заклучи дури и последното раководство на структурата, за време на минатиот владин кабинет“, објаснува Методиев.

Антиромските ставови во Бугарија се постојано највисоки во Европа. Најновото истражување од 2020 година покажа дека 82,3 отсто од Бугарите не би ги прифатиле Ромите како соседи, 90,6 отсто би сакале да немаат пријател Ром, помалку од 1 отсто од Бугарите би се омажиле за Ром и над 47 отсто би сакале да не живеат во иста земја со Ромите (иако 51,2 отсто го прифатиле ова).

Вартануш Топакбашјан, главна уредничка на весникот „Ереван“ од Софија, пак, за учеството на Ерменците во јавниот живот во Бугарија, меѓу другото, вели:

„До промените во 1989 година, постоеше само една ерменска организација – КПО „Ереван“, а сите останати кои работеа пред 9 септември 1944 година беа забранети и распуштени, а нивните водачи беа прогонувани. Од почетокот на 1990-тите, многу од нив беа повторно оживеани. Така, денес во земјата дејствуваат многу невладини ерменски формации – од национална и локална природа… Во Бугарија со текот на годините функционираат и образовни центри на Ерменците. Првично беа скромни, мали, но од почетокот на 20 век веќе има поголеми училишта, дури и средни училишта. За жал, од 1960-тите до 1970-тите, ерменските училишта беа затворени, но часовите по мајчин јазик беа отворени во бугарските општински училишта во голем број градови – Софија, Бургас, Пловдив, Варна и други места. Денеска само во Пловдив оваа практика продолжува… Во некои од градовите – Варна, Бургас, Русе и Софија има саботни или неделни градинки или училишта каде децата можат да го учат ерменскиот јазик. Но, во оваа насока има сериозни тешкотии и проблеми, најмногу поврзани со наставниот кадар и наставниот материјал“, вели таа.

Бугарија не признава само Македонци и Помаци

Како и да е, меѓу наведените 12 традиционални етнички малцински групи плус 6 имигрантски групи во Националниот совет за соработка за етничките и интегративните прашања очигледно нема место за Македонците! Бугарија ниту ги признава, ниту ги прифаќа како одделна етничка група на својата територија, ниту пред, ниту по 1878 г., ниту како традиционални, ниту како имигранти, иако е познато дека имигранти – бегалци од Егејска Македонија во Бугарија има неколку стотици илјади, од времето на Балканските војни и подоцна, но сите тие се сметаат за етнички Бугари. И тоа не е ништо ново и неочекувано. Тоа е долгодецениска политика на Бугарија која единствено беше напуштена во периодот по Втората светска војна, кога официјална Софија за време на владеењето на Георги Димитров почнува да воведува културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија, па сè до 1956 г. кога таа политика е напуштена.

„Во пракса, политиката на негирање на малцинствата беше надмината по падот на комунизмот. Денес во Бугарија се признати и регистрирани здруженија на Турците, Ромите, Евреите, Ерменците, Власите, Русите, Украинците, како и организации на многу од новите заедници на мигранти од различни земји. Исклучок се само Македонците. Иако сите пописи на населението во последните години регистрираат присуство на Македонци во Бугарија, бугарските власти одбиваат да ги регистрираат нивните здруженија. Притоа, во еден од случаите кога е регистрирано вакво здружение, неговата регистрација била оспорена лично од јавниот обвинител и истата била прекината од страна на судот. Според тоа, единственото тело овластено на национално ниво да работи за интеграција на етничките малцинства, Националниот совет за соработка за етнички и интегративни прашања, никогаш не се занимавал со правата на Македонците и никогаш немал македонски организации меѓу своите членови“, вели Красимир К’нев од Хелсиншкиот комитетВо случајов, лажната вест односно манипулацијата од страна на бугарските официјални претставници е дека Бугарија воопшто не признава етнички малцинства. Фактите што ги наведовме сведочат дека Бугарија признава етнички малцинства, без оглед што тие не се наведени во нејзиниот устав, има и владино тело за етничките малцински прашања што го води вицепремиер, а негови членови се повеќе заменици министри, наведува експлицитно кои се традиционални етнички малцинства, има и посебни програми за реинтеграција на Ромите, за негувањето на нивната култура, во бугарските училишта се изучува и турскиот јазик, иако само како изборен предмет (не како наставен) во градовите каде што живеат етнички Турци. ЕрменцитеЕвреитеКаракачаните имаат свои културни здруженија и асоцијации…

Националниот совет, исто така, има и обласни совети за соработка за етничките и интегративните прашања кои имаат своја улога и активност. Се разбира, правата на прифатените и признати етнички малцинства во Бугарија се далеку од меѓународните стандарди, но факт е дека Бугарија единствено не признава и не прифаќа дека на нејзината територија постојат Македонци како одделен етнос. (Покрај Македонците, Бугарија не признава ниту Помаци, кои се со исламска вероисповед, но зборуваат бугарски јазик).

„Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример…“, ќе одговори со прашање потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, при отворањето на контроверзниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола на 16 април 2022 г., на прашањето на новинарот на „Сакам да кажам“ кога Бугарија ќе дозволи Македонците таму да отворат свој клуб и македонски премиер да дојде на неговото отворање.

На ова ѝ одговорија Македонците од Бугарија, а веста ја објавија повеќе медуми, меѓу кои и „Макпрес“ во текст со наслов „Наместо во Битола и Охрид требаше да дојдеш во Мелник да не видиш“!

„Македонското и помашкото малцинство се официјално негирани и нивната самоопределба и активност се примаат како непријателски и предавнички активности, вели Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин. Овие две малцинства немаат никакви права според рамковната конвенција а им се негираат и базични права како тие на организирање, а повремено и на мирни собирања и се редовен објект на несанкциониран и неосудуван говор на омраза. Нападите против македонските клубови, полицијата не ги истражува, а ниту медиумите соопштуваат за нив. Како што може да се види на сајтот на спомнатиот Национален совет меѓу сите опишани групи Македонците и Помаците ги нема наспроти тоа што тие се појавуваат на пописите и се разбира тие не се претставени во Националниот совет и ги нема во владините програми за развој“, се вели во одговорот.

Вообичаено, јавноста и граѓаните имаат искуство со претставниците на државите со кои имаме политички и историски недоразбирања и не им веруваат секогаш бланко на она што го говорат, така што и лажните вести што доаѓаат од нив, не се прифаќаат толку лесно. Но тоа, очигледно, не е доволно. Смислата на информирањето во демократските општества е граѓаните да добијат вистинска и навремена информација за прашањата што го засегаат нивното секојдневно живеење за да можат да донесат правилна одлука на избори, на референдум и да ја остваруваат својата улога како граѓани, учествувајќи во јавниот живот. Затоа е многу важно да се демаскираат дезинформациите и полувистините што ги пласираат јавните личности.

                                                 

                                           Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ