Реплицирајќи и на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.
„Наследивме 1,2 отсто економски раст, пад од 2,5 отсто на градежната активност во првиот квартал од 2024 година, многу поголем увоз на храна и пад од 21,6 отсто на извозот на стоки. Нема сектор што го наследивме каде не постои пад, во кој било дел од стопанството, земјоделство, градежништво, извоз…“, укажа заменик-министерот.
Тренчевска претходно обвини дека со ребалансот нема раст на платите и пензиите, а зголемен е, нагласи, и јавниот долг од 58 на 68 отсто.
„Ребалансот не носи никаква придобивка за граѓаните и државата. Од 58 на 68 отсто е зголемен јавниот долг, бранете го, но тоа е вистината и не треба да мижиме пред фактите. Кратите од средствата за лицата со попреченост, а загрижува и продлабочувањето на буџетскиот дефицит. Во првите 30 дена покажувате чист популизам, без да донесете ниту една конкретна мерка за граѓаните“, рече Тренчевска.
Таа оцени дека ако ВМРО-ДПМНЕ во текот на претходните 11 години владеење ги зголемела пензиите, не по 600 денари, денес минималната пензија ќе била 20.000 денари.
„Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20.000 денари“, истакна пратеничката од СДСМ.
На тоа реплицираа повеќе нејзини колеги од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е најтешкиот ребаланс зашто е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Буџетот кога бешпе предложен тука, не нѐ слушавте ниту нас, ниту фелата, ниту економистот што го цитиравте, велевте Буџетот ќе биде развоен, дека ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Како дојдовме од развојна компонента, до потреба за консолидација? Оваа Влада ќе направи сѐ за државата да се стави на здрави нозе“, порача Тони Јаревски.
Благица Ласовска обвини дека СДСМ трошела „душмански“.
„Очигледно не сте ја научиле лекцијата. Душмански трошевте, се расфрлавте со народните пари, најголемото задолжување е од вас, граѓаните трпеа и затоа ве казнија. Некој сега мора да ја стабилизира економијата, имајте трпение ќе научите како се води државата, а дотогаш реформирајте се“, ѝ рече Ласовска на Тренчевска.
На тоа Тренчевска возврати дека СДСМ наместо за гипс картони и железо, седум години трошела пари за граѓаните и економијата, а креирала и девет антикризни пакети во кои секогаш биле вклучени и пензионерите.
Љупчо Пренџов укажа дека на расправата за ребалансот не се присутни пратениците од ДУИ, лидерот на СДСМ Венко Филипе и поранешниот претседател на СДСМ и актуелен пратеник Димитар Ковачевски кој, како што рече, го креирал Буџетот. Тоа, според Пренџов, мора да се забележи зашто претставува, оцени тој, елементарно непочитување на граѓаните.
„Овие два дена нема присутен ниту еден пратеник од ДУИ. Холдингот не е заинтересиран за Буџетот освен кога е на власт. Го нема и Венко Филипче, а многу е нечесно кога ќе дојде ваков сериозен документ во Собранието, претседателот на СДСМ да одржува бледа партиска прес-конференција и да не се појави во Парламентот. Очигледно наместо работата за која е платен, на Филипче му е пример за однеусвање Али Ахмети кого 20 години го нема во Собранието и доаѓа само за гласање на ‘битни законски решенија’. Тоа многу зборува за СДСМ, а ова не е обичен ребаланс, зашто вакви ребалсани се направени два пати во последните 17 години, при менувањето на власта. Очекував поранешниот премиер, креаторот на овој Буџет, Ковачевски, прв да дојде и да земе збор, да каже зошто државата е во ваква состојба. Каде се парите? Каде се ветувањата? Во Македонија овие сеудм години како чума да поминала“, подвлече Пренџов.
За збор се јави и Благој Бочварски кој направи паралела како СДСМ во 2017 година ја презеде власта од ВМРО-ДПМНЕ, а како ја предава денес, како и какви беа состојбите тогаш, а какви се денес. Според него, ПР стратегијата е едно, но реалноста е нешто сосема друго.
Расправата која се одвива во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет почна со два часа задоцнување.