недела, 24 ноември 2024

Владата вложува 4 милијарди денари во општинските проекти, има втора шанса и за четирите „одбиени“ локални самоуправи

На вчерашната седница на Владата беа потврдени проектите на општините, коишто ќе бидат финасисрани со средства од буџетот на државата во оваа година, односно од средствата на т.н. унгарски кредит. Она што привлече повеќе внимание во јавноста од информацијата дека ќе бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна приближна вредност од 4 милијарди и 27 милиони или потточно (4.026.636.382) денари, беа одбиените проекти на четирите  локални самоуправи: Град Скопје, Општина Струмица, Општина Сарај и Општина Теарце.

Објавено на

часот

Сподели

Во првичното соопштение од Владата беше наведено дека овие општини не ја минале фазата на евалуација во ресорните министерства.

Денеска, премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на Општината Брвеница, ги откри причините зошто на овие четири локални самоуправи не им биле одобрени средства за нивните предложени проекти, во оваа фаза, но рече дека ќе имаат и втора можност да аплицираат до 15 ноември.

„Општина Струмица не доби средства, затоа што конкурираше со проект кој веќе е почнат и е во тек, со избран изведувач. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои ќе можеме да ги финансираме. Средства не се доделени за Општина Теарце, која поднесе проекти преку приватна е-маил адреса и затоа го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници. Имаме некомплетна документација поднесена и од Општина Сарај, па очекувам до 15 ноември тоа да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во населеното место Ласкарци и еден водовод. Градот Скопје конкурираше со некомплетни проекти. Бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците… Од Владата веќе имаат пренесени 600 милиони денари, кои се на сметката на градот за реализација на булеварот „Хасан Приштина“, но две години ништо не е направено. Очекувам во следниот период таму да се подобрат инвестициките перформански“, нагласи премиерот Мицкоски во врска со можноста за повторно аплицирање со проекти на засега „одбиените“ општини.

Премиерот Мицкоски истакна дека за одобрување на проектите на општините што ќе ги финансира Владата од буџетот не влијаел фактот од која партија се градоначалниците. Тој наведе дека на наредната владина седница ќе ќе има мало продолжување на рокот, бидејќи во проектите на некои од општините е потребно да обебедат дел од документите што недостасуваат.

„Потврдени се повеќе од 270 проекти, кои се во речиси сите општини. Ова не се проекти во општини каде градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ или владината коалиција, туку и градоначалници што доаѓаат од СДСМ, ДУИ или независни градоначалници. Затоа што ние се бориме за секој милиметар квадратен на целата територија на државата, секое парче земја ни е важно и секаде сакаме да инвестираме. Очекувам наредната недела договорите да бидат потпишани и да почне спроведувањето на оваа историска реализација на проекти за кои ќе се вложат повеќе од 4 милијарди денари. На следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот, бидејќи во проектите на некои од општините е потребно дел од документите што недостасуваат да ги обезбедат. Мислам дека рокот ќе биде разумен, до 10 или 15 ноември да ги доподнесат проектите и откако тоа формално ќе биде завршено, очекувам и тие да бидат вклучени во првиот бран. Ветената сума од 6 милијарди очекуваме до крајот на годината да биде испорачана, а веќе следната година ќе има 15 милијарди, што значи од централниот буџет кон општините ќе бидат испорачани проекти од околу 21 милијарда денари“ истакна Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ