Тој порача дека треба да вложуваме во писменоста, да ги отвораме вратите на образованието за сите, да создаваме општество во кое знаењето ќе биде најсилната валута. „Само така можеме да изградиме држава што ќе биде подготвена за иднината“, порача Мицкоски.
„ Денес, со почит се собравме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на еден народ. Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка, тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје. Писменоста и образованието не се луксузи – тие се основни права и најмоќни инструменти за трансформација на нашето општество. Нивната важност не може да се измери со бројки, но нивното влијание се гледа во подобриот живот на секој поединец и во напредокот на целата заедница“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук-профил, во контекст на неоговото обраќање на свечената седница во Владата.
Вицепремиерот Изет Меџити на денешната свечена академија во Владата укажа дека „одбележувањето на Денот на албанската азбука се најде во време на жестока дебата која предизвикува непотребни тензии“. Според него, ваквата дебата е поттикната да се дефокусира јавниот интерес и да се направат кризи таму каде што ги нема.
Сепак Меџити во своето обраќање се обрати и до Уставниот суд, кој според него, „наместо институција која треба да ги чува правата и слободите на граѓаните, се претвори во институција кон која сите фрлаат оган, гнев и стрели“.
„ Ниту едно добиено или спроведено право не може да се укине или ограничи бидејќи ако сакаме луѓето да бидат третирани еднакво во мултиетнички општества тогаш наша должност е да им обезбедиме или гарантираме уживање и остварување на стекнатите права и слободи“ рече Меџити во обраќањето.
Тој упати повик до институциите да ја вршат нивната работа во согласност со надлежностите.
„ Очекувам Уставниот суд да се занимава со аспектите на човековите и граѓанските права и слободи и да не се впушта во политички размислувања за актуелни прашања и да остане непристрасен арбитер и подалеку од политички влијанија кога носи одлуки“, рече Меџити.
Албанската опозиција, односно Аналитичкиот истражувачки центар на Демократската унија за интеграција „Абдилаќим Адеми“,по повод 22 Ноември, Денот на албанската азбука, органиираше дебатата, „Службен албански јазик – столб на Охридскиот договор“.
На дебатата, Бујар Османи, потпретседател на Демократската унија за интеграција, порача: „ Едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор“.
„ Денешниот настан е значаен, како прво, бидејќи се случува на важна годишнина, Денот на албанската азбука. Меѓутоа, сметаме дека овој важен ден не треба да се посвети само од историски контекст, туку и од аспект на предизвиците што денеска ги има албанскиот јазик. А, посебно поради фактот што се предизвикува официјалноста на јазикот преку иницијативите поднесени пред Уставен суд од политичари и политички партии. Ние сметаме дека официјалниот албански јазик е еден од најважните елементи на Рамковниот договор“, рече Османи.
Османи оцени дека Рамковниот договор е најуспешниот мировен договор на Западен Балкан.
„Тој е столбот на кохезијата, меѓуетничката хармонија во Република Северна Македонија и сакаме оттука од еден мултиетнички панел, едногласно да дадеме порака дека албанскиот јазик е линијата што не смее да се пречекори, во овие политички битки за демонтирање на Рамковниот договор“, додаде Османи.
Со честитка за Денот на албанската азбука се обрати и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, кој порача дека „ чествувајќи го Денот на албанската азбука уште еднаш ја потврдуваме посветеноста кон негувањето на соживотот во мултиетничкото и мултијазичното општество“.
„ Овој ден е потсетник за богатството на различностите и за важноста на зачувувањето на јазичните и културните вредности на сите етнички етнички заедници кои живеат во земјава. Потсетник дека Македонија и понатаму, и покрај фактот што живееме во едно комплексно време, останува пример за заедништво, почитување и заемно разбирање меѓу граѓаните, па затоа чествувајќи го Денот на албанската азбука уште еднаш ја потврдуваме посветеноста кон негувањето на соживотот во мултиетничкото и мултијазичното општество“, истакнува Стоилковиќ.
Јазикот, како што посочува вицепремиерот Стоилковиќ, е моќна алатка и идентитет на еден народ.
„ Тој е сеопштиот сврзен елемент на сите човечки култури. Алатка која обединува и овозможува напредок, но во исто време и потсетник дека и покрај разликите делиме иста судбина и мораме да градиме заедничка иднина. На сите припадници на албанската заедница им го честитам Денот на албанската азбука“, напиша Стоилковиќ во честитката.