понеделник, 25 ноември 2024
Изјава на министерката за животна средина

Владата нема да помага во чистењето на дивите депонии зашто тоа се фрлени пари

Од 20 до 30 милиони денари секоја година се издвојуваат за чистење на депониите и тие за неколку месеци пак се создаваат и така е со години наназад, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова која најави дека државата повеќе нема финансиски да им помага на општините за да ги исчистат депониите.

Објавено на

часот

Сподели

Дивите депонии ги чистевме десетина години наназад, секоја година издвојувавме од 20 до 30 милиони денари за чистење на дивите депонии, кои во наредните неколку месеци повторно стануваа диви депонии, посочи министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на денешната прес-конференција.

Државата одлучи дека нема веќе да ги финансира таквите проекти, додаде Шукова, бидејќи како што рече, непотребно се користат средствата на граѓаните за нешто што не е одржливо.

„Чистиме на 10 до 15 локации согласно приоритетите на општините и за неколку месеци тие локации повторно се полнат со ѓубре“, рече Шукова и додаде дека иако тоа е надлежност на општините, државата помагаше при чистењето на дивите депонии.

Проблемот со отпадот го имаме со повозрасните, вели Шукова во одговор на новинарско прашање за имплементација на едукативна програма во образовниот процес и додава дека децата се тие што најмалку прават отпад и најчесто ги потсетуваат повозрасните дека не треба да прават отпад. Посочи дека мора да се зајакне контролата и граѓаните мора да сфатат дека ѓубрето го правиме сами.

„Се надевам дека до крајот на овој месец ќе успееме да го распишеме тендерот за Свети Николе и дека во 2025 година ќе може да оперира регионалната депонија во Свети Николе.Тој тендер ќе има два лота едниот ќе биде изградба на претоварни станици, тие се неколку, пет или шест, и вториот лот ќе биде за централната депонија, така да паралелно ќе одиме со двата процеса“, рече Шукова.

Додаде дека во тие два региона отпочнат е процесот на затворање на помалите општински депонии кои што не се стандардни. Дел од помалите општини, вели Шукова, веќе го насочуваат својот отпад кон поголемите депониии. Постепено како ќе се гради централната депонија, така ќе се продолжи со процесот на затворање на нестандардните депонии во тие два региона.

„Целото финансиско сценарио во тие два региона е повеќе од 40 милиони евра. Отприлика толку ќе треба и за другите региони. Значи ќе комбинираме два по два, бидејќи видовме дека е економски неисплатливо секоја општина да има своја депонија, затоа ги комбинираме по два. Таму системите ќе ги контролираат регионални тела“, вели Шукова.

Интенцијата на државата во моментот е да воспостави основна инфраструктура по европски стандарди за управување со отпад, вели Шукова, бидејќи како што рече, тоа го немаме во моментот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ