На барањето на МКД.мк, во интерес на јавното информирање и во име на транспарентноста, да го добиеме стенограмот од владината седница на која министерот за економија Крешник Бектеши ја образложил одлуката на Управниот суд со предлог за спојување на концесиите за ископ на бакар и злато на Еуромакс рисорсис, од канцеларијата на портпаролот на Владата го добивме овој одговор:
„Ве информираме дека согласно со член 94 став 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, Владата не може да ви достави извадоци од стенограмот.“
Во член 94 став 6 од Деловникот на Владата пишува: „Секој член на Владата или директор на друг орган на државната управа кој присуствувал на седницата на Владата и секретарот на Секретаријатот за законодавство може да ги побара на увид стенографските белешки и во делот од негово излагање да изврши стилски и јазични исправки, при што не може да ја менува содржината на своето излагање.“
Ова всушност значи дека само присутните на која било владина седница имаат право на увид на стенографските белешки и никој друг. Каде е тука јавноста?
На 27 јуни на владина седница на која биле присутни речиси сите министри, заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, министерот Бектеши директно на седницата предложил дополнителна точка на дневниот ред. Ова значи прескокнување на вообичаената процедура за разгледување точки на владина седница, а тоа е претходна расправа на други надлежни владини тела, комисии, други надлежни министерства, други органи на државната управа…
На таа седница се гласаше за комбинирана концесија што ќе ја обедини експлоатацијата на минерални суровини од две локации, Иловица и Штука во општините Босилово и Ново Село. Оваа одлука значи реактивација на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со Еуромакс рисорсис, кој Владата го раскина во 2019 година.
Никој од министрите не гласал против.
Меѓутоа по реакциите во јавноста, неколкумина од министрите изјавија дека не биле запознаени со суштината на предметот, дека немале време да ги разгледаат материјалите, дека ова прашање мора пак да се разгледува, па дури и дека биле измамени од нивниот колега Бектеши.
„Министрите не беа запознаени со суштината на предметот“, изјави министерката за животна средина Каја Шукова.
„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од Владата спојување на концесии”, во разговор со ИРЛ ова го потврди министерот Оливер Спасовски, кој, како и повеќето негови колеги, немал причина да се сомнева во документ на министерството што го презентира Бектеши.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки што се додадени на дневниот ред на самата седница. „Во такви случаи се потпираме на образложението што го добиваме од ресорното министерство“, појаснува таа.
„Сметам дека е потребно Владата да ја преиспита одлуката за спојување на концесиите на Еуромакс рисорсис на следната седница. Ако сме донеле погрешна одлука, тоа треба да се исправи“, вели министерката Петровска.
Сега сите заедно велат дека ако граѓаните не го сакаат тоа, таму нема да има рудник.
За наредната недела е закажана владина седница на која повторно ќе се разгледува ова прашање. Во меѓувреме министерот Бектеши изјавува дека цврсто останува на своето образложение за неопходноста на спојување на концесиите.
А.Д.