петок, 18 октомври 2024

Владата на Косово ги прогласи Цивилна заштита и Бригада север за терористички организации

Објавено на

часот

Сподели

Како што е соопштено, одлуката е донесена врз основа на проценка на косовските безбедносни институции.

„Нелегалните формации Цивилна заштита и нејзините компоненти, како и Северна бригада претставуваат сериозна и директна закана за уставниот поредок и безбедноста на Косово“, кажа вчера косовскиот премиер Аљбин Курти.

Според него, овие две организации спроведувале акции со терористички елементи, како оружени напади на припадници на косовската полиција, мисијата на ЕУ за владеење на правото (Еулекс), војници на Кфор.

На северот на Косово од крајот на мај има засилени тензии поради одлуката на косовските власти да ги преземе општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, за албанските градоначалници да имаат пристап до зградите.

Србите, кои се мнозинство во тие општини, остро се спротивставија на тоа бидејќи ги бојкотираа априлските избори и не ги прифаќаат резултатите.

Цвилна заштита на северот на Косово функционира од 2006 до 2015/16 година кога врз основа на официјалните информации беше расформирана врз основа на дијалогот на Белград и Приштина за нормализација на односите.

Работниците на Цивилна заштита потоа, како што се наведува, биле интегрирани во косовските институции.

Цивилната заштита во Србија функционира во рамки на министерството за внатрешни работи, а нејзината улога е да реагира во вонредни ситуации, како поплави, земјотреси и слично.

Меѓутоа, според податоците на косовскиот Центар за безбедносни студии, Цивилна заштита на Косово ја сочинувале припадници кои поминале воена обука и се сметала за многу опасна за безбедноста на Косово.

Бригада север стои зад графитите кои од минатата година се испишуваат на северот на Косово. Некои од нив се: „Не грижете се! Тука сме! Чекаме!“.

На почетокот се потпишуваа како „Северни бригади“, но поради тоа што тоа е назив за навивачи на спортскиот клуб Црвена звезда, почнале да го користат називот Бригада север.

Не се знае кој стои зад нив, ниту дали станува збор за некоја формална организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ