вторник, 22 октомври 2024

Владата на 2 јули дала согласност за изградба на НАТО – коридор низ Македонија

По синоќешното потпишување на писмо за намери во Вашингтон на кое потпис ставија министрите за одбрана на Македонија, Италија, Албанија и Бугарија за изградба на воен коридор за потребите на НАТО кој ќе ги поврзе овие држави, од Министерството за одбрана за МКД.мк одговорија дека македонската Влада на 2 јули годинава дала согласност за иницијативата за изградба на воениот коридор низ територијата на државата.

Објавено на

часот

Сподели

„Владата на седница одржана на 2 јули ја разгледа и усвои одлуката за воспоставување на овој коридор и го овласти министерот за одбрана Владо Мисајловски да го потпише писмото за намери“, велат од Министерството за одбрана за МКД.мк.

Во одговорот се вели дека заради олеснување, односно овозможување на побрз проток на воените сили и опрема на Алијансата со што ќе се зголемат ефикасноста на воената логистика и операции, во случај на потреба, беше покрената иницијатива помеѓу Италија, Албанија, Македонија и Бугарија за воспоставување на хармонизиран коридор за воена мобилност во рамките на Паневропскиот коридор 8.

„Целта на оваа иницијатива е да се овозможи поедноставување на националните процедурите за граничен премин, особено во услови на криза и ќе претставува практичен придонес кон напорите на Алијансата за зајакнување на одвраќањето и одбраната на целата територија, придонес за зајакнување на воената мобилност во Европа, како и кон зајакнувањето на соработката меѓу НАТО и ЕУ“, се вели во одговорот на Министерството за одбрана за МКД.мк.

Како што веќе објавивме, писмото за намери е потпишано вчера во Вашингтон, во рамки на Самитот на НАТО, и претставува прв меѓународен документ потпишан од новата македонска Влада. Документот го потпишаа министрите за одбрана на Македонија, Италија, Албанија и Бугарија, Владо Мисајловски, Гуидо Кросето, Нико Пелеши и Атанас Запријанов.

Притоа, идејата е овозможување брз транспорт на војска и воени средства преку конкретна траса низ Македонија, односно низ четирите држави, со избегнување на сложени бирократски процедури за да може, како што се смета, брзо да се реагира во кризни, конфликтни или други ситуации.

Исто така, дефинирањето на трасите за движење на војската и опремата треба да овозможи полесно и побрзо пристигнување на воениот полигон Криволак.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ