вторник, 22 октомври 2024

Се гради НАТО – воен коридор од Италија до Бугарија кој ќе минува низ Македонија

Ќе се гради воен коридор кој ќе минува низ Македонија преку Коридорот 8, а ќе ги поврзе силите на НАТО стационирани во Италија и Бугарија. Целта е за време на воени вежби или пак во случај на војна, да се создаде ефикасна мобилност на силите и воената техника, односно да може да се реагира и движи брзо од Италија, преку Албанија, Македонија до Бугарија.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со колегите од Италија, Албанија и Бугарија, Гуидо Кросето, Нико Пелеши и Атанас Запријанов, на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон потпишале писмо на намери за воспоставување на хармонизиран коридор за воена мобилност во рамките на Паневропскиот коридор 8, за потребите на Алијансата.

„Целта на оваа иницијатива е да се овозможи побрз проток на воените сили и опрема на Алијансата преку поедноставување на националните процедурите за граничен премин, особено во услови на криза. Со потпишувањето на писмото за намери се преземаат чекори кои значително ќе ја зголемат ефикасноста на воената логистика и операции, во случај на потреба. Исто така, проектот ќе придонесе за унапредување на координацијата меѓу земјите потписнички, како и инфраструктурата долж Коридорот, а со што ќе се овозможи и полесен пристап кон армискиот полигон Криволак“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана и се додава дека станува збор за прв потпишан договор на новата македонска Влада.

Медиумите во Бугарија објавија дека бугарската влада веќе донела одлука со која се одобрува писмото за намери на Министерството за одбрана на Бугарија и на министерствата за одбрана на Македонија, Албанија и Италија, кои имале разговори за потпишување на договор за изградба на коридорот низ кој брзо ќе се транспортираат војски, воена опрема и средства. Бугарската влада смета дека преку таков договор на границите на четирите држави ќе се избегнат сложени бирократски процедури и дека ќе може брзо да се реагира во кризни, конфликтни или други сложени ситуации и дека се овозможи брз транспорт на војска и воени средства. Ќе се надминат и недостатокот на кохерентност меѓу процедурите на НАТО и ЕУ, смета бугарската влада.

Исто така, се смета дека овој воен коридор ќе влијае на вкупната политичка и економска соработка меѓу четирите држави, соработката меѓу НАТО и ЕУ, како и на вкупната одбранбена моќ на НАТО во овој регион.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ