среда, 23 октомври 2024

Венецуела често лиферува информации непоткрепени со докази, вели Андоновски

Министерството за дигитална трансформација не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинет без да има соодветни докази за тоа, изјави ресорниот министер Стефан Андоновски во врска со обвинувањата од Венецуела дека хакери од Македонија извршиле компјутерски напад врз системот за пренос на податоци на изборите во оваа јужноамериканска земја.

Објавено на

часот

Сподели

Прашан за коментар во врска со обвинувањето од главниот обвинител на Венецуела дека македонски државјани извршиле компјутерски напад во корист на опозицијата, а против досегашниот претседател Николас Мадуро, Андоновски одговори дека „станува збор за социјалистички режим којшто со години лиферува информации непоткрепени со докази и обвинува засегнати страни и држави коишто немаат одговорност во таквите случаи“.

„Се надевам дека освен коментарите што излегоа во јавноста и коишто ги забележавме и со внимание ги следиме, од властите во таа држава ќе има и соодветни докази за наводно вмешување на некои наши граѓани или државни институции. Внимателно го следиме процесот. Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвиниет без да има соодветни докази за тоа и да не бидеме вмешувани во внатреполитички битки на еден авторитарен режим којшто постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата таму“, рече Андоновски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со работната група за изработка на сајбер-стратегија.

Во однос на вчерашната изјава на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој во ТВ-интервју соопшти дека доставил извештај до Управата за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи за далечинско следење на видеонадзорот во министерството, кој бил поставен од неговиот претходник Артан Груби, Андоновски одговори дека министерот Стоиљковиќ денеска на седница на Влада ќе ги сподели подетално информациите и, рече, „ќе знаеме со што се соочуваат во тоа министерство“.

Стоилковиќ вчера на Канал 5 посочи дека по направената проверка во министерството не можело да се утврди кој е надлежен, ниту кој го контролира видеонадзорот, а дека во извештајот што го доставила фирмата „Мак аларм“ по увидот, било наведено дека е овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање. Андоновски нагласи дека тоа е спротивно на сите закони во државава.

„Ја поздравувам ангажираноста на вицепремиерот и посветеноста со којашто ги решава проблемите. Немам детали. Ние не сме истражен орган за да ги знам деталите за таа компанија или за активностите коишто ги има. Можам да кажам дека најдовме систем за снимање и во министерството за дигитална трансформација, но можам да потврдам дека тоа е во сопственост и контрола на министерството и соодветно обележено дека одредениот простор се снима, така што ги почитува сите закони. Што се случува во другите институции сѐ уште немам информации. Можеби најнадлежен орган ќе биде Министерството за внатрешни работи. Денеска имаме седница, па мислам дека министерот ќе ги сподели подетално информациите и ќе знаеме со што се соочуваат во тоа министерство“, истакна Андоновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ