четврток, 28 ноември 2024

Вашингтон пост: САД се загрижени дека Нетанјаху може да започне војна и во Либан

Официјални лица во администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се загрижени дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху може да започне војна против либанскиот Хезболах за да ја зацврсти својата позиција во земјата и да ја спаси својата политичка кариера, пренесува Вашингтон пост.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Популарноста на Нетанјаху опадна од почетокот на војната со палестинскиот Хамас, бидејќи јавноста префрла голем дел од вината за неуспесите што ги овозможија нападите на палестинските екстремисти врз Нетанјаху.

Многу високи израелски функционери повеќепати повторуваа дека Хезболах мора да биде потиснат од израелско-либанската граница во согласност со Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност од 2006 година, со која се обврзува да се постигне тоа на воен, ако не може на дипломатски начин.

Американскиот весник цитираше повеќе од десетина неименувани функционери и дипломати од администрацијата на Бајден во извештајот за веста во која се наведува дека двајца високи претставници, Амос Хохштајн и американскиот државен секретар биле испратени во Израел за да спречат војна меѓу Израел и про-иранскиот Хезболах.

Во извештајот се наведува дека тензиите меѓу Израел и САД делумно се зголемиле затоа што израелската армија наводно 34 пати погодила точки на либанските вооружени сили, кои имаат поддршка од САД.

Членот на израелскиот воен кабинет и поранешен началник на Генералштабот, Бени Ганц, се чини дека се обидува да го брани Нетанјаху од извештајот на Вашингтон пост и на платформата Икс објави дека единствено се разговарало „за безбедноста на Израел и ништо друго“, тоа е должност на функционерите кон државата и нејзините граѓани.

Ганц изјави дека светот мора да знае дека Хезболах ја иницирал ескалацијата и дека Израел е заинтересиран за дипломатско решение, но дека, ако нема, „Израел и израелската армија ќе ја отстранат заканата“ и дека сите членови на воениот кабинет го делат тој став.

На почетокот на денешната владина седница, премиерот Нетанјаху го предупреди Хезболах по ескалацијата на прекуграничните конфликти за време на викендот, пренесоа израелските медиуми.

„Предлагам терористичката организација Хезболах да ја научи лекцијата што Хамас веќе ја научи во изминатите месеци, дека ниту еден терорист не е имун. Ние сме решени да ги заштитиме нашите граѓани и безбедно да ги вратиме жителите во нивните домови. Тоа е нашата национална цел“, рече Нетанјаху, мислејќи на израелските граѓани кои се евакуирани од северот на земјата поради речиси секојдневните прекугранични судири.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ