вторник, 22 октомври 2024

Утре почнува расправата за уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ не попушта, измени нема да има

Објавено на

часот

Сподели

Мицксоки информираше дека остварил работен состанок со пратеничката група на партијата и со коалицијата кои дале поддршка на ставот дека нема да има уставни измени „под бугарски диктат“.

„Работен состанок со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Поддршка на ставот дека Уставни измени под бугарски диктат нема да има. Силно и одлучно на страна на народот и интересите на Македонија!“, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

Тој уште кажа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе бидат присутни во Парламентот кога ќе биде ставена точката на дневен ред, а како што рече, членовите од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против. Според него за да почнат уставните измени, нема никаква потреба во првата фаза да има содржина на истите. Затоа тој, за комисијата што ги подготви уставните измени, а ја предводеше поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска, кажа дека повеќе сака да им слугува на бугарскиот претседател Румен Радев и на Бугарија, отколку на Македонија и Македонците.

„Очигледно е дека овие луѓе повеќе сакаат да им слугуваат на Радев и Бугарија, отколку на македонскиот народ. Нема да поддржиме отворање на иницијатива која што во овој момент ќе значи отворање на Уставот“, додаде Мицкоски.

Прашан за наводните претпоставки дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја отвори седницата на 18 август, ќе ја прекине и одложи на неодредено време, додека не го обезбеди двотретинското мнозинство, Мицкоски појасни дека такво нешто нема да има, бидејќи како што рече, „ако мислеа дека тоа е добар политички потег, можеа изминативе година дена тоа да го направат“.

„Ако се вратиме година дена назад, истите овие луѓе велеа дека во септември ќе бидат тие измени, па помина септември, па велеа на крајот на годината, па помина и крајот на годината, па велеа во февруари. Еве, помина и јули. Овие политичари направија историска грешка за иднината на Македонија и на народот. И сега се пред уште една историска грешка. Ги предупредувам да не ја прават третата грешка по ред, а тоа е отпочнување на процедура за што немаат поддршка и нема да ја имаат. Тука не е важен Христијан Мицкоски, важни се граѓаните“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со можноста за одвојување на Македонија и Албанија, доколку не се случат уставните измени, на што предупредуваат странски дипломати, оцени дека тоа би било уште една историска грешка и неправда.

„Јас и посакувам среќа и успех на Албанија и на сите останати држави, но ако овие бирократи тоа го дозволат, ќе направат уште една историска грешка и неправда кон овој можеби малуброен народ, но горд и достоинствен народ. Ние ќе се бориме да ги подобриме лошите услови, кои оваа криминална влада им ги направи на граѓаните“, изјави денеска Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија.

За него единствен излез од како што ја нарекува „оваа ситуација“  се предвремени парламентарни избори.

„Се наоѓаме во услови на голем криминал, голема корупција, неспособност, немање реформи, Влада која не може да испорача и единствено логично решение гледаме во предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека во исто време потребно е да се интервенира и во Изборниот законик.
 
„Потребно  е распуштање на Парламентот, интервенција во Изборниот законик, бришење на техничка влада и избори на есен“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали изборите се решение.

Утре во 10 часот се очекува на собраниската Комисија за уставни измени да ја почне расправата по предлогот за пристапувањето кон измена на Уставот на Република Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ