петок, 18 октомври 2024

Усвоен огромен буџет за американската војска, за Украина само 300 милиони долари

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои Законот за одбранбена политика, со кој во фискалната 2024 година се предвидени 886 милијарди долари за финансирање на националната одбрана, 28 милијарди повеќе од оваа година, објави Си-ен-ен.

Објавено на

часот

Сподели

За усвојување на законот, кој во средата беше усвоен во Сенатот, гласаа 310 конгресмени, а против беа 118, од кои 73 републиканци и 45 демократи. Законот е испратен до претседателот Џо Бајден за негов потпис.

Законот дозволува зголемување на платите за 5,2 отсто на припадниците на војската, што е најголемо зголемување во повеќе од две децении.

Голем број пратеници се спротивставија на одредбата со која се дозволува краткорочно продолжување на контроверзниот закон што дозволува надзор над странски државјани без налог. Поддржувачите тврдат дека тоа е критична алатка за зачувување на националната безбедност, но е на удар на критики поради потенцијална злоупотреба.

Законот за надзор на странските разузнавачки служби ѝ дозволува на американската влада да добива разузнавачки информации со собирање комуникациски записи на странски лица со седиште во странство што користат комуникациски услуги со седиште во САД.

Ова предизвика тензии на Капитол Хил, но важноста на тој контроверзен закон сепак беше продолжена до 19 април следната година.

Законот усвоен вчера предвидува и воспоставување генерален инспектор, кој ќе биде задолжен за следење на помошта што САД ѝ ја испраќаат на Украина.

Документот, исто така, ја проширува програмата за воена помош на Украина, со што се овластува етапно ослободување од 300 милиони долари за официјален Киев, но таа сума е далеку од 61 милијарда долари што од Конгресот ги побараа американскиот и украинскиот претседател, кои се очекува да бидат одобрени до крајот на оваа година. Тој голем пакет помош за Украина сѐ уште е предмет на дебата.

Големиот нацрт-закон за воен буџет усвоен вчера, исто така, ја продолжува за неколку месеци правната рамка за меѓународно електронско следење, која беше критикувана од организациите за одбрана на приватноста и слободите, а која беше пред истекување.

Програмата им овозможува на американските безбедносни агенции да спроведуваат програми за електронски надзор, вклучително и испитување на е-поштата на неамерикански државјани во странство, без систематски да бараат судско одобрение.

Со буџетот се зголемуваат и платите на воениот персонал за пет отсто.

Не беа усвоени мерките предложени од републиканците, според кои требаше да се ограничи правото на абортус на воениот персонал, како и да се забрани подигање на знамето на ЛГБТ+ во Пентагон и во воените бази.

Нацрт-законот не вклучува две контроверзни одредби поврзани со абортусот и пристапот до здравствена заштита на трансродовите лица, кои беа во нацрт-законот за одбранбена политика на Претставничкиот дом усвоен ова лето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ