среда, 23 октомври 2024

Уставни измени да, ама само со одложена примена

Македонија е подготвена за промени во Уставот со внесување на Бугарите, ама со одложена примена, откако земјата ќе ги заврши преговорите со Европската Унија (ЕУ). За ова деновиве одвоени изјави дадоа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на дипломатијата вели дека овој предлог не излегувал од преговарачката рамка, а за истиот имало и разбирање од дипломати со кои разговарал.

Македонија бара гаранција дека од Бугарија нема да дојде ново вето во текот на преговорите само поради билатерално прашање. Во спротивно сценарио со усвоени уставни измени од Собранието и нова блокада на евроинтеграциите, Муцунски оценува дека ќе се наруши легитимитетот на Европската Унија. Сепак овие прашања тој смета дека може да се отворат само кога соседите ќе добијат стабилно политичко раководство.

„Сменивме знаме, менувавме грб, менувавме под притисок банкноти, Устав неколку пати, име… Сѐ што можеше да се смени за да бидеме понижени како народ, направивме. Не знам уште што остана. И секогаш без исклучок ни беше кажувано, уште само ова и тоа е последно… Едно од решенијата е и ова. Не сме ние политичарите кои треба да судат чии човекови права се нарушени. Си има институција и се вика Суд за човекови права која 14 пати донесе пресуда во корист на Македонците во Бугарија дека им се нарушени правата и ниту една пресуда за нарушување на правата на Бугарите во Македонија“, изјави Мицкоски.

Ретроактивни уставни измени, за да нема можности за нови блокади од страна на Бугарија во евроинтеграцискиот процес, вели Муцунски и додава дека Владата е подготвена да ги спроведе уставните измени, но тие да се аплицираат по членството во ЕУ.

„Бугарите може да бидат ставени како етничка група во нашиот Устав заедно со Хрватите и Црногорците, но тоа треба да биде ретроактивно пред ратификацијата на протоколите за членство на земјата, вклучително и моментот пред да станеме земја-членка, за да имаме гаранции дека во тој период ќе бидеме оценувани само според објективни и мерливи критериуми“, рече Тимчо Муцунски.

Претходно бугарскиот технички премиер Димитар Главчев изјави дека повеќе нема да се прават отстапки за Македонија, а по средбата со премиерот Мицкоски во Вашингтон, информираше дека на таа средба се договориле за нормализирање на односите и враќање на точката претходно. Муцунски вели дека очекува рационалност од бугарска страна.

„Не би цитирал никого поединечно, но би рекол дека постои мислење дека има логика во тоа што го кажуваме и дека со овој модел ја штитиме самата ЕУ. Никој не може да ни гарантира дека другата страна ќе го прифати ова, но верувам и во рационалноста на бугарската страна“, изјави Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ