петок, 18 октомври 2024

Уште една европска небулоза

Објавено на

часот

Сподели

Идејата за македонско-бугарска комисија по историја не е прва и не е единствена, и во суштина добива поддршка од нашите експерти. Сепак, историчарите со кои разговаравме имаат голема резерва кон прашањето какви резултати ќе дадат разговорите помеѓу историчарите со оглед на спротивставените ставови и големите разлики во толкувањето на историското минато.

Виолета Ачковска

Професорката Виолета Ачковска во препораката на Европскиот парламент препознава уште еден обид на Европа да го одложи решавањето на македонското прашање.

„Тоа е уште една европска небулоза. Не сакајќи да го решат македонското прашање, наметнуваат перфидна игра со цел повторно да го одложат неговото решавање. Еден современ проблем сега сакаат да им го остават на историчарите. Тоа е навредливо. Наместо да прифатат дека ние сме Македонци, ние сме современ народ, современа држава и во тие рамки да се решава прашањето, Европа им остава на историчарите да расчистуваат. Тоа не води никаде. Никој нема да направи отстапки. Ние се среќаваме и разговараме на симпозиуми, но топката да се префрла кај историчарите е само уште еден доказ дека проблемот не сакаат да го решат – смета Виолета Ачковска, доктор по историски науки.

Новица Вељановски

Дека заклучокот на Европскиот парламент е невозможна мисија смета и историчарот Новица Велјановски. Тој потсетува и на други слични иницијативи што завршиле со неуспех. Како експерт што триесет години работел во Институтот за национална историја (од 1972 година до неговото пензионирање во 2002) и како негов директор, вели дека бил сведок како завршувале идеите за заеднички комисии со експертите од Бугарија.

„Од тоа нема ништо да биде. По осамостојувањето во 1991 година имаше една иницијатива да се направи заеднички учебник со Бугарите. Неколку колеги учествуваа во тоа. И што се случи? Почнаа да работат, но по кратко време секој си остана на своето“, се присетува Велјановски.

Вели, убеден е дека нема да заживее ниту последната иницијатива, пред сè поради негаторските ставови и политика на нашите соседи.

„Заклучокот на Европскиот парламент ќе си остане само заклучок. Нашите историчари си имаат свои ставови, бугарските свои. Тие не ни ја признаваат нацијата, јазикот, историјата. Како ќе разговараме кога не ни го признаваат преродбеничкиот период, пред и по Илинден“, се прашува историчарот Велјановски.

Никола Жежов

Препораката за македонско-бугарска комисија за горливите теми од историјата добива поддршка од Никола Жежов, професор на Институтот по историја на Филозофскиот факултет и експерт за македонското прашање во југословенско-бугарските односи од 1918 до 1941 година (докторска дисертација од 2006 година). Сепак, како што, нагласува историчарот Жежов, сè уште нема услови за да профункционира една таква комисија. И да се формира комисијата, како што вели тој, тоа ќе биде долготраен процес додека да се покажат резултати: „Идејата ја поздравувам, но во практиката тоа тешко дека ќе се реализира. И да се формира заедничка комисија, разликите тешко ќе се надминат, наспроти тоа што гледаме дека во Бугарија почнаа да дуваат некои нови ветришта.“

Веста дека Европскиот парламент побарал од Македонија да ги здружи силите со Бугарија во експертска комисија што ќе се справи со деликатната тема на образованието по историја ја пренесе бугарската новинска агенција „Новините“.

Задача на комисијата, како што пренесе агенцијата, ќе биде толкување на историските настани, зголемување на соработката на академско ниво и подобрување на ставот што младината го има кон своите соседи.

„Новините“ пренесе дека здружената комисија е по барање на бугарскиот министер во Европскиот парламент, Евгениј Кирилов. Предлогот на Кирилов бил дел од амандманот на нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија, која денеска беше дадена на разгледување пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

За несоборливите разлики и за тоа до кој степен е изразена негаторската политика од страна на соседот сведочи и коментарот на веста што ја пренесе бугарската агенција:

„Македонија во неколку наврати се обиде да ‘украде’ клучни моменти од бугарската историја. Во 2011 македонската влада им крена споменици на средновековниот бугарски владетел Самуил и други историски фигури активни во регионот во обид да се претстави она што земјата го смета за сопствено ‘историско наследство’.“

Стојанка Митревска

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ