Во интервју за телевизијата и медиумите, за време на посетата на унгарската државна делегација на Грузија, Сијарто рече дека и неговата влада се соочила со „сличен третман за промовирање на конзервативните вредности и промировни ставови“.
„Знаете, ние сме на функција во Унгарија 14 години и за тие 14 години секојдневно се соочувавме со критики. Како и Унгарија, владата на Грузиски сон се соочи со напади поради заземање про-мировна позиција. Можеби сме малцинство во Европа меѓу политичките лидери, но на глобалната сцена оние кои го поддржуваат мирот се дел од значително мнозинство“, рече тој, истакнувајќи дека ова доаѓа од „многу чудна дефиниција за демократијата“ за која рече дека преовладува во западот.
„Според оваа дефиниција, ако либералите ја водат земјата, таа се смета за демократска, но ако победи конзервативна или нелиберална партија, демократските акредитиви на земјата се доведуваат во прашање“, нагласи шефот на унгарската дипломатија.
Тој го критикуваше потпирањето на Западот на санкциите и испораката на оружје за Украина. „Јасно е дека оваа стратегија не успеа. Санкциите не функционираат, а влијанието на испораките на оружје не ја промени реалноста на теренот“.
Тој додаде дека Русија „продолжува да освојува територии“, додавајќи дека „време е да се префрлиме на промировна стратегија“.
Бранејќи ја семејната политика на владата на Грузиски сон и пакетот неодамна донесени закони за „заштита на малолетниците“, критикуван на меѓународно ниво за „ограничување на правата на сексуалните малцинства“, Сијарто рече дека „мора да се држиме до нашите сопствени вредности.
„Има области во кои не треба да се прават компромиси, особено во заштитата на децата“, нагласи тој.
Коментирајќи го неодамнешниот грузиски закон за транспарентност на странско влијание, иницијативата на владејачката партија донесена оваа година со цел „зголемен надзор над домашните организации кои се финансираат од странство“, Сијарто рече дека грузиската влада „сака да избегне странско мешање, што е многу легитимна цел“.