недела, 20 октомври 2024

Украина најави хуманитарен коридор за бродовите кои со месеци се блокирани во пристаништата

Објавено на

часот

Сподели

Коридорот претставува голем тест за способноста на Украина да ги отвори своите поморски патишта во време кога Русија се обидува да наметне блокада на Црното Море, откако го напушти договорот за жито.

„Денеска започна со работа новиот, привремен хуманитарен коридор“, изјави Олех Чалик, портпарол на украинската морнарица.

„Коридорот ќе биде многу транспарентен, ќе поставиме камери на бродовите и ќе има директен пренос за да може да се види дека ова е исклучиво хуманитарна мисија без воена цел“, додаде тој. Украинската морнарица соопшти дека ги испратила предложените рути до Меѓународната поморска организација (ИМО).

Ќе ги користат „првенствено цивилни бродови кои се во украинските пристаништа Чорноморск, Одеса и Пивдени од почетокот“ на руската инвазија.

„На пловните објекти чии сопственици или капетани официјално ќе потврдат дека се подготвени за пловидба во постоечките услови, ќе им биде дозволено да минуваат низ рутите“, се вели во соопштението во кое се предупредува на опасност од мини во Црното Море и воени закани од Русија.

Германски трговец со жито рече дека „се потребни повеќе детали за украинскиот привремен бродски коридор објавен денеска бидејќи тој не може да функционира освен ако Русија конкретно не се обврзе да не ги напаѓа бродовите“. Чалик не сугерираше дека коридорот е договорен со Русија.

Минатиот месец Москва го напушти договорот за жито во Црното Море, кој ѝ овозможуваше на Украина безбедно да извезува земјоделски производи. Кремљ тврди дека паралелниот договор за олеснување на рускиот извоз на жито и ѓубрива не се спроведувал. Обединетите нации соопштија дека одлуката на Русија да се откаже од договорот ризикува глобална прехранбена криза, која најмногу ќе ги погоди сиромашните земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ