четврток, 28 ноември 2024

Уапсени 2.000 лица на протестите во Венецуела, Мадуро најавува најстроги казни

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кој според официјалните резултати од изборите одржани на 28 јули доби трет мандат, изјави дека околу 2.000 лица биле уапсени за учество во протестите на опозицијата, која тврди дека изборите биле украдени.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Мадуро во саботата во обраќањето пред приврзаниците во Каркас рече дека уапсените ќе бидат осудени на максимална казна, објави Гардијан.

Според различни извештаи, меѓу 10 и 20 лица загинале во судирите со полицијата на протестите по изборите.

Во исто време, лидерот на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, се обрати на масовниот собир пред десетици илјади луѓе во главниот град, во саботата, пркосејќи на владините повици за нејзино апсење и изјавувајќи дека режимот на власт го изгубил легитимитетот.

Таа оцени дека опозицијата никогаш не била посилна, дека режимот никогаш не бил послаб и дека опозицијата нема да се откаже од докажувањето дека изборите се украдени, пренесе Би-би-си.

Мачадо избегнуваше јавни настапи оваа недела откако го обвини претседателот Николас Мадуро за изборна измама и дека победил кандидатот на опозицијата Едмундо Гонзалес.

Мадуро, пак, најави „максимални казни“ за антивладините демонстранти кои велат дека неговиот реизбор бил наместен.

Државната изборна комисија објави дека Мадуро победил на изборите со 52 отсто од гласовите, без да објави целосен преглед на резултатите од поединечните избирачки места.

Опозицијата изјави дека според пребројувањето на гласовите, Гонзалес го победил Мадуро со голема разлика.

Победата на Гонзалес на изборите ја признаа, меѓу другите, САД, Аргентина, Уругвај и Перу, додека Кина и Русија го поддржаа Мадуро.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ