„Го осудувам протестот во Шведска против нашата света книга на првиот ден од Курбан Бајрам“, напиша Фидан на Твитер, додавајќи дека е неприфатливо да се дозволат антиисламски протести во име на слободата на изразувањето.
Еден од организаторите на протестот искинал и запалил Куран денеска пред централната џамија во Стокхолм, инцидент што може да ја налути Турција додека Шведска се стреми да се приклучи на НАТО. Инцидентот се случил откако шведската полиција го одобрила одржувањето на протестот.
Шведската полиција одбила неколку неодамнешни барања за протести против Куранот, но судовите ги поништиле одлуките, велејќи дека тие ја нарушуваат слободата на говорот.
Многубројните протести одржани во Шведска против исламот и за правата на Курдите ја навредиле Анкара, чија поддршка ѝ е потребна на Шведска за да се приклучи на Алијансата. Шведска поднесе барање за членство во НАТО минатата година по руската инвазија на Украина. Но, Турција, која е членка на Алијансата, го запре процесот, обвинувајќи ја Шведска дека засолнила луѓе кои ги смета за терористи и бара нивна екстрадиција.
Околу 200 поддржувачи на протестот денеска гледаа како еден од двајцата организатори на протестот ги кине страниците на копија од Куранот, а потоа си ги брише чевлите со нив, па завитка сланина во нив и на крајот ја запали книгата. За тоа време, друг демонстрант зборуваше на мегафон.
Некои од присутните извикувале „Господ е голем“ на арапски, протестирајќи против палењето, а еден маж бил приведен од полицијата.
Додека гореше светата книга, еден од поддржувачите на протестот извикуваше „Нека гори“.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска на прес-конференција дека не сака да шпекулира како одобрениот протест може да влијае на процесот на пристапување на Шведска во НАТО.
„Тоа е легално, но не е соодветно“, изјави Кристерсон. „Верувам дека живееме во време кога е неопходно да останеме смирени и да размислуваме што е најдобро за долгорочните интереси на Шведска“, рече Кристерсон.