четврток, 24 октомври 2024

Трамп пристигна во Милвоки (ВИДЕО)

Доналд Трамп пристигна во Милвоки, каде републиканците официјално ќе го номинираат за свој претседателски кандидат оваа недела, откако преживеа обидот за убиство што дополнително ги разгори политичките поделби во САД.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Џо Бајден, демократ, нареди да се преиспитаат безбедносните мерки за да се утврди како 20-годишен маж со пушка АР-15 се доближил доволно блиску за да пука во Трамп во саботата. Како поранешен претседател, Трамп има доживотна заштита од американската тајна служба.

Трамп (78) одржуваше предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија – клучна држава на изборите на 5 ноември – кога одекнаа истрели, при што му беше погодено десното уво и крвавеше по лицето. Неговите соработници рекоа дека тој е само полесно повреден и дека е добро. Едно лице од толпата е убиено, а две се ранети. Агентите на тајната служба смртно го застрелаа осомничениот.

Се очекува Трамп да добие официјална номинација од својата партија на Републиканската национална конвенција, која почнува денеска во Милвоки, Висконсин.

ФБИ соопшти дека нема познати закани за конвенцијата или од некој што ќе присуствува, додека Тајната служба соопшти дека не предвидува никакви промени во безбедносниот план.

„Требаше да го одложам моето патување во Висконсин за Републиканската национална конвенција за два дена, но само што решив дека не можам да дозволам напаѓач или потенцијален атентатор да нè принуди да го промениме распоредот или било што друго“, напиша Трамп вчера на својата страница Трут соушл.

Конвенцијата ќе вклучува говори на републикански ѕвезди во подем, а Трамп треба да го објави својот избор за потпретседателски кандидат. На конвенцијата се очекува да се изложат позициите на партијата за теми како што се абортус, имиграција и економија.

ФБИ го идентификуваше Томас Метју Крукс од Бетел Парк, Пенсилванија како осомничен и рече дека пукањето се истражува како обид за убиство. Претставници на ФБИ во неделата изјавија дека напаѓачот дејствувал сам.

Агенцијата соопшти дека допрва треба да се идентификува идеологијата поврзана со осомничениот или какви било индикации за проблеми со менталното здравје или да пронајде каков било заканувачки јазик на профилите на осомничениот на социјалните мрежи.

„Во Америка нема место за вакво насилство. Ги повикувам и замолувам сите да не правите претпоставки за неговите мотиви или врски“, рече Бајден. Според повеќето анкети, вклучително и Ројтерс/Ипсос, Трамп и Бајден се во тесна трка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ