петок, 18 октомври 2024

Трамп поднесе жалба на одлуката за забрана за учество на изборите во Мејн

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп поднесе жалба на одлуката со која му е оневозможено да учествува на изборите за претседателски кандидат во американската сојузна држава Мејн, поради улогата што ја имаше во нападот на Конгресот на 6 јануари 2021 година, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп, кој се смета за фаворит за републиканската претседателска номинација, побара од Врховниот суд во Мејн да ја поништи одлуката на државниот секретар Шана Белоус со која му се забранува учество на примарните избори.

Белоус, претставничка на демократите, ја донесе одлуката врз основа на толкувањето дека Трамп поттикнал бунт во обид да ја задржи функцијата по поразот на изборите во 2020 година, што би го дисквалификувало според американскиот Устав.

Адвокатите на Трамп се обидоа да оспорат дека Трамп учествувал во немирите и тврдеа дека Белоус нема овластување да го дисквалификува да биде кандидат.

Тие во судскиот поднесок тврдеа дека одлуката за забрана е резултат на несоодветен процес нарушен со пристрасност.

Од друга страна, по поднесувањето на жалбата, Шена Белоус рече дека има целосна доверба во сопствената одлука и владеењето на правото.

Активистите и некои противници на Трамп побараа негово дисквалификување од примарните гласачки ливчиња во нивните држави во согласност со Дел 3 од 14-тиот амандман.

Во судските поднесоци се тврди дека поранешниот американски претседател ги поттикнал поддржувачите на насилство со ширење на лажни тврдења дека изборите во 2020 година биле наместени. Потоа ги повика да го спречат Конгресот да го потврди победникот на изборите – демократот Џо Бајден.

Врховниот суд на САД се очекува да го преземе ова прашање наскоро – бидејќи највисокиот суд во Колорадо му забрани на Трамп да учествува на изборите за претседателски кандидат во таа држава.

Одлуката на Врховниот суд може да биде водич за другите држави да донесат одлуки за можното учество на Трамп на изборите.

Судовите во неколку американски држави отфрлија слични постапки против Доналд Трамп.

Изборите за претседателски кандидати низ американските држави почнуваат на 15 јануари.

Покрај Трамп, републикански кандидати се гувернерот на Флорида Рон Десантис, поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли, претприемачот Вивек Рамасвами, поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи и поранешниот гувернер на Арканзас Ејс Хачинсон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ