четврток, 6 февруари 2025

Трамп му воведува санкции на Меѓународниот кривичен суд

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе потпише денес указ со кој ќе му се воведат санкции на Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради насочување на истраги кон Соединетите Американски Држави и нивни сојузници, како Израел, изјави претставник ан Белата куќа. Како што пренесува Ројтерс, овој указ ќе вклучува финансиски и визни санкции против поединци и членови на нивните семејства кои му помагаат на МКС во истраги против американски граѓани или сојузници на САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Потегот на Трамп доаѓа откако минатата недела демократите во американскиот Сенат ја блокираа републиканската иницијатива за санкционирање на МКС, која беше одговор на издавањето налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана поради сомнеж за геноцид во израелската војна во Појасот Газа.

Нетанјаху во моментов се наоѓа во Вашингтон, а МКС сè уште нема дадено коментар.

Судот веќе презема мерки за заштита на персоналот од можни американски санкции, како исплати на платите три месеци однапред, подготвувајќи се за финансиските рестрикции кои би можеле да ја парализираат работата на трибуналот за воени злосторства, кажаа извори за Ројтерс минатиот месец.

Во декември претседателката на судот, судијката Томоко Акане, предупреди дека санкциите „брзо би ги ослабеле операциите на судот во сите случаи и би го загрозиле неговото постоење“.

Ова е втор пат МКС да се соочува со американски санкции поради своите активности. За време на првата администрација на Трамп во 2020 година Вашингтон ѝ воведе санкции на тогашната обвинителка Фату Бенсуда и еден од нејзините најблиски соработници поради истрага на МКС за воените злосторства на американските војници во Авганистан.

Меѓународниот кривичен суд има 125 членки и е трајна институција која може да процесира поединци за воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и агресија на територијата на државите членки или од страна на нивни државјани. САД и Израел не се членки на МКС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ