Министерот Тошковски уште еднаш потенцираше дека бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата е еден од главните приоритети како на новата Влада и МВР бидејќи тие го поткопуваат функционирањето на општеството и ја креираат недовербата на граѓаните во функционирањето на институциите и самата држава.
Министерот истакна дека при преземањето на функцијата иако затекнатата состојба била катастрофална во поглед на организацијате и ресурсите, сепак и со такви ресурси и со голема посветеност, резултатите во борбата со организираниот криминал и корупцијата се значително подобри од претходно.
„Еден врховен судија и еден член на Советот на јавни обвинители со правосилна пресуда повеќе не се дел од рекетарскиот систем, што институционално го граделе години наназад. Во една недела, за два дена имавме две сеопфатни акции: едната на територија на Југоисточна Македонија и едната на Западна Македонија. Во едната падна цела организирана група на цариници коишто ја злоупотребувале службената положба и се богателе на грбот на македонските граѓани. Во втората акција беше сузбиена една криминална група која долги години ‘харала’ и била поврзана со нелегална трговија со дрога, со луѓе, со перење пари. Разликата од претходно во спроведување на таков тип на акции е што тогаш на денот на акцијат,а некако магично првите луѓе на тие криминални групи секогаш беа надвор од државата и недостапни за полицијата, а беа апсени луѓе кои не се носители на криминалот. Е сега таква информација која ќе им дозволи да избегаат не протекува и затоа акциите се успешни и ќе продолжат да бидат успешни“, дециден беше министерот.
Прашан кога ќе профункционираат камерите од многуочекуваниот проект „сејф сити“, Тошковски истакна дека поставувањето на камерите во Скопје, во Тетово и во Куманово се очекува да биде завршено и проектот да биде финално пуштен во текот на 2025 година. Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви, чии бројки се очекува драстично да се намалат.
„Во проектот, иако планиран и почнат од порано, не се предвиделе системските решенија како ќе се имплементира и низ другите институции, како судовите. Законските измени ќе бидат во насока на усогласување на нашето законодавство со европското законодавство. Измените се однесуваат на воведување на нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ,кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок. Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок. Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек, односно во периодот што следува, запазувајќи ги сите законски регулативи. Секако ќе има период на информирање на граѓаните, нивно прилагодување кон системот, со цел да стартуваме сите спремни и заедно да градиме сообраќајна култура која ќе резултира со ред во сообраќајот без жртви“, потенцираше Тошковски.
Тошковски на крај истакна дека Министерството е целосно посветено кон креирање на опремена, обучена и модерна европска полиција која ќе ја штити безбедноста на сите свои граѓани и бескомпромисно ќе се бори со сите видови криминал и корупција кои ја нагризуваат функционалноста и просперитетот на општеството.
За денешниот настан во кој експлозивната направа била фрлена во двор во скопска Керамидница, министерот Тошковски рече дека е „ добро што немаме животозагрозувачка состојба на никого во овој момент, но лошо е што криминалните банди си ‘хараат’ и денеска“.
„Но, соодветно, одлучно и сурово како институции ќе одговориме на сите оние коишто го ‘реметат’ мирот на македонските граѓани“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Одговарајќи на новинарско прашање на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“, Тошковски посочи дека јасно и одлучно ќе се борат против криминалот и против организираниот криминал.
„ Убиства имало и ќе има, бомби фрлање имало и ќе има, прашањето е како државата и институциите соодветно ќе одговорат на тоа“, рече министерот.