четврток, 31 октомври 2024

Тошковски: Доколку е во интерес на граѓаните ќе присуствувам на седница на Владата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека ќе присуствува на седница на Владата предводена од Талат Џафери доколку тоа е приоритет за граѓаните и дека тој негов став не е во колизија со изјавата на лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на премиерот Џафери и нема да одат на владините седници. Тој уште кажа дека ќе направи сè граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што сѐ што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам“, изјави Тошковски за  „360 степени“.

Се надева дека ќе има фер и демократски избори и дека нема да има, како што рече, непотребни постапки како што имало претходно. Во врска со изјавата на лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски дека „ќе биде хорор и ќе има корнење коси“, Тошковски рече дека претседателот треба да одговори за неговиот став.

„Но станува збор за емпирија, како што било досега. На крајот на денот, наш предлог беше и да се укине техничката Влада бидејќи се покажа како неуспешна претходно“, додаде Тошковски.

Според него, при вчерашниот избор на преодната Влада во собраниската сала имало негативна атмосфера и енергија, а кажа и зошто не бил со другите министри за заедничка фотографија по изборот. Рече дека  никој не му пристапил да му каже дека треба да се фотографира, но и да му пристапел, рече немало да оди.

„Од едноставна причина што сметам дека премиерот, начинот на којшто беше процесиран самиот овој процес, е прво нелегитимен, затоа што не ја ужива поддршката од граѓаните на начин на кој е дефиниран со Закон и, второ, е нелегален, затоа што не е предложен согласно Законот за Влада. Меѓутоа, јас ќе ги преземам во рамки на моето работење согласно закон сите оние чекори кои треба да бидат преземени“, изјави Тошковски.

Тој не смета дека е предложен за технички министер од ВМРО-ДПМНЕ поради пријателството со Мицкоски туку дека функцијата му е доверена врз основа на големото искуство што го има во областа на правото и адвокатурата, а дека „токму владеењето на правото е она што моментално е тотално дерогирано“.

Тошкобски уште кажа дека ќе направи сè граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари.

„До овој момент се издадени милион и 200 илјади пасоши со новото име од вкупно околу два милиона и 500 илјади, колку што треба да се заменат, а максималниот капацитет е 50.000 за еден месец“, кажа Тошковски.

Тој посочува дека физички е невозможно да бидат издадени сите докумети до законски утврдениот рок. Најголемиот проблем, според него, е самото печатање и издавање на пасошите.

Најавува дека ќе биде направено сè  целиот процес да се релаксира, а граѓаните да не останат заглавени без лични документи по 12 февруари.

„Токму на ова прашање се виде капацитетот на претходната Влада, токму на ова прашање се виде нивната неспособност, се виде нивното неработење, јасно му е на народот колку направиле и што постигнале во овој сегмент. Ќе сторам сè  да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, ќе сторам сè  за граѓаните да се чувствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект. Ќе направиме сè  за да го релаксираме процесот и ќе направиме сè  за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари“, истакнува Тошковски.

Вели дека не е запознаен со информацијата дека од пред неколку дена МВР почнало личните карти и возачките дозволи да ги доставува до домашните адреси на граѓаните, но би поддржал поедноставување на процесот.

„Сè  што ќе го поедностави процесот на достава во рамки на закон би го прифатил како техничко решение. Тука има многу проблеми од аспект на заштита на лични податоци, како ќе се спроведе целокупниот овој процес, не би сакале дополнителни проблеми да отвориме“, изјави Тошковски и најави дека наскоро ќе може да даде и поконкретен одговор на ова прашање.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ