четврток, 24 октомври 2024

Талибанците организираа нова јавна егзекуција

Талибанците денеска извршија јавна егзекуција на маж осуден за убиство во северен Авганистан, што е трето погубување во последните пет дена.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Илјадници луѓе ја гледале егзекуцијата на спортски стадион во Шеберган, главниот град на северната провинција Јавзјан, и покрај снежната бура.

Братот на убиениот човек, според очевидци, пет пати пукал во осуденикот со пушка. Обезбедувањето околу стадионот било засилено, изјави сведок кој сакал да остане анонимен бидејќи не бил овластен да зборува со медиумите, пишува Асошиетед прес.

Ова е петто јавно погубување откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога американските и НАТО трупите се повлекоа од земјата.

Талибанците, и покрај првичните ветувања за поумерено владеење, набргу по доаѓањето на власт почнаа со спроведување строги казни во јавноста – егзекуции, камшикувања и каменувања.

Казните се слични на оние од нивното претходно владеење со Авганистан кон крајот на 1990-тите. Во соопштението се вели дека последната смртна казна била извршена откако била одобрена од трите највисоки судови во земјата и од врховниот талибански водач Мула Хаибатула Ахунџада.

Егзекутираниот маж, идентификуван како Назар Мохамад од областа Билчераг во провинцијата Фаријаб, го убил Кал Мохамад, исто така од Фаријаб.

Во четвртокот во југоисточната провинција Газни, талибанците организирале егзекуција на двајца мажи осудени за убиство. Роднините на жртвите ги застрелале двајцата мажи, исто така на спортски стадион, додека илјадници луѓе гледале.

Во текот на викендот, маж и жена осудени за прељуба биле камшикувани со по 35 удари со камшик во северната провинција Балк.

Други две лица во источната провинција Лагман добиле по 30 удари со камшик за наводно извршување неморални дејствија.

Обединетите нации силно ги критикуваа талибанците за извршување на јавни егзекуции, камшикувања и каменувања и ги повикаа владетелите на земјата да престанат со таквите практики.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ