недела, 20 октомври 2024

Тајван ја повика Кина да се соочи со реалноста, Пекинг веднаш одговори

Тајван ја повика Кина „да ги почитува резултатите на претседателските избори“ на кои вчера победи Лаи Чинг Те и кажа дека ќе се брани од заканите за повторно обединување. „Министерството за надворешни работи ја повикува власта во Пекинг да ги почитува резултатите од изборите, да се соочи со реалноста и да се откаже од репресијата на Тајван“, се наведува во соопштението на тајванското министерство.

ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тврдејќи дека примило честитки од „повеќе од 50 земји, вклучувајќи 12 дипломатски сојузници“, министерството ги осуди „апсурдните и погрешни коментари“ на кинеските власти. Истовремено кинеската амбасада во Јапонија изрази „решително противење“ на изјавата на јапонската министерка за надворешни работи Јоко Камикаве во која му честиташе на новоизбраниот претседател на Тајван Лаи Чинг Те.

Во изјава објавена на интернет страницата на јапонското министерство за надворешни работи вчера, откако беа објавени резултатите на претседателските избори во Тајван, Камикава му честиташе на Лаи на победата, нарекувајќи го одметнатиот остров „исклучително клучен партнер и важен пријател“.

Како одговор, кинеската амбасада во Јапонија, без спомнување на Лаи или признавање на неговата победа, ги опиша коментарите на Камикава како „сериозно мешање во внатрешни работи на Кина“, се наведува во изјавата на кинеската амбасада.

Претходно денес портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи на социјалната мрежа Икс објави: „Какви и да се случиле промени на Тајван, основниот факт дека има само една Кина во светот и дека Тајван е дел од таа Кина нема да се смени“.

Синоќа Кина, која Тајван го смета за една од своите покраини која треба повторно да се обедини, потврди дека ова гласање „нема да го спречи неизбежниот тренд на повторно обединување со Кина“.

„Ние цврсто ќе се спротивставиме на сепаратистичките активности насочени на независност на Тајван, како и на странското мешање“, предупреди Чен Бинхуа, портпарол на кинеската канцеларија за односи со Тајван.

64-годишниот Лаи Чинг Те победи на претседателските избори со 40,1 отсто од гласовите. Должноста ќе ја преземе на 20 мај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ