четврток, 24 октомври 2024

Тајната служба пред атентатот добила информации дека Иран се обидува да го елиминира Трамп

Во последните недели, американските власти добиле разузнавачки информации за заговор за атентат на Доналд Трамп кои пристигале од Иран. Затоа Тајната служба ја зголемила безбедноста околу поранешниот претседател во последните неколку недели.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Извори запознаени со ситуацијата за Си-ен-ен велат дека засега нема индиции дека Томас Метју Крукс, кој се обиде да го убие поранешниот претседател во саботата, е поврзан со заговорот. Но, информациите покренуваат нови прашања за безбедносните пропусти на саботниот митинг во Пенсилванија.

Покрај тоа што не е јасно како 20-годишникот успеал да стигне до покривот на зградата од која можел да пука во Трамп, не е познато ниту дали информацијата за заканата од Иран била пренесена до кампањата на Трамп. „Не ги коментираме безбедносните детали на претседателот Трамп. Сите прашања треба да се упатат до Тајната служба на САД“, се наведува од кампањата.

Претставници на Тајната служба постојано ја предупредувале кампањата на Трамп поради одржувањето на митинзи на отворено, кои претставуваат поголем ризик од настаните каде што агенцијата може подобро да го контролира пристапот. Предупредувањата биле од општ карактер, велат изворите.

Во еден момент од овој изборен циклус, претставници на кампањата престанале да организираат спонтани неофицијални настани каде Тајната служба не можела да ги прегледа гостите и да спроведе други безбедносни мерки.

Иран повеќе пати ветуваше дека ќе се одмазди за убиството на Касем Сулејмани, командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кој беше убиен од американската војска во јануари 2020 година. Поранешни високи функционери на Трамповата администрација кои работеле во националната безбедност имале строги безбедносни мерки откако ја напуштиле владата.

Во август 2022 година, Министерството за правда најави кривична пријава против член на Корпусот за наводен заговор за атентат врз Џон Болтон, советникот на Трамп за национална безбедност. Американските обвинители веруваат дека заговорот против Болтон најверојатно е одмазда за убиството на Сулејмани.

На мета на Иран беше и поранешниот државен секретар Мајк Помпео. Властите со месеци се загрижени поради постојаните закани од Иран, поточно обидите за убиство на Трамп и неговите службеници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ