петок, 18 октомври 2024

Тајната на четвртиот Титов список

Објавено на

часот

Сподели

Кој ќе ја наследи скапата сабја на војсководецот Имухариј од 17 век, опточена со злато и украсена со скапоцени камења – подарок за Јосип Броз Тито од поранешниот либиски водач Муамер Гадафи?

Кому да се вратат или како да се поделат трите илјади австриски златници од „приватната збирка“ на маршалот Тито, во моментов вредни околу 600.000 евра?

Распределбата на имотот на Тито, која е предмет на судски расправи од пред десет години, овие денови поттикнува нови судири. И со причина. Судскиот процес токму сега влегува во втората фаза, јавува српска Политика. Меѓутоа, сè уште не се дефинирани обемот, содржината и вредноста на наследството.

Шпекулациите се концентрираат на обидите да се проценат сочуваните предмети – тие што ги има во списоците, но и тие што во текот на децениите биле отуѓени од непознати лица. Сумата варира, од една процена до друга. Едни тврдат дека станува збор за милионска вредност. Похрабрите, самонаречените вештаци, тврдат дека вредноста на вкупното наследство е вредно повеќе десетици милиони евра.

Титовиот имот е наведен во три списоци, на густо исчукани 400 страници. Наведени се илјадници предмети што Тито приватно ги поседувал, а кои ќе се делат меѓу наследниците. Во колекцијата, покрај спомнатите австриски, има и дукати од српско потекло, збирка златни значки, поштенски марки и ордени од седумдесетина земји. Една од најинтересните е колекцијата од 167 пушки, меѓу кои и рачно изработено оружје опточено со сребро, сабји со дијаманти, како онаа што му ја подарил Сталин…

Многу од предметите недостигаат, пишува Политика. На пример, германски колекционери на часовници тврдат дека Јосип Броз поседувал збирка од над сто часовници на високи офицери на Вермахтот – станува збор за швајцарски уникати и прототипи што биле доделувани како награди за успех – за разлика од официјалните воени германски часовници од марките „гласхит“, „ханхарт“ и „кинкл“.

Најинтересна е, сепак, содржината на фамозниот четврти список. Овој список досега не беше достапен за јавноста, а според зборовите на внукот на Тито, Јошка Броз, вредноста на наведените предмети ја надминува сумата од десетина милиони евра.

Во западните разузнавачки служби четвртиот список се нарекува четврти протокол. Наводно, на него се наведени шифрите на специјалните тајни сметки што западните сили, пред сè САД, ги отворале за корисни странски државници. Како соосновач на Движењето на неврзаните, Тито, знаејќи или претпоставувајќи, во „третиот свет“ го поставувал новиот светски поредок: „Таквите државници постојано беа изложени на ризик, па за нивните потреби беше формирана „златна резерва“, истакна на времето лондонски Индипендент. Резервата се користела или како „пензија по заминувањето од власт“ или како инвестиција за враќање на државното кормило.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ