Тајани во интервју за италијанскиот весник Ла стампа изјави дека посилната европска соработка во одбраната е приоритет на партијата Форца Италија што ја предводи. „Ако сакаме да бидеме чувари на мирот во светот, потребна ни е европска армија. И ова е основен услов за да имаме ефикасна европска надворешна политика“, изјави тој во интервјуто објавено во неделата.
„Во свет со моќни играчи како Соединетите Американски Држави, Кина, Индија, Русија со кризи од Блискиот Исток до Индо-Пацификот, италијанските, германските, француските или словенечките граѓани можат да бидат заштитени само со она што веќе постои, имено Европските унија“, додаде тој.
„Лидерството треба да се рационализира“
Европската одбранбена соработка сè повеќе е на политичката агенда по руската инвазија на Украина пред речиси две години. Сепак, напорите беа повеќе фокусирани на проширувањето на НАТО, при што Финска, членката на ЕУ се приклучи на алијансата минатата година, Шведска е на пат да стане членка.
Тајани рече дека 27-члената ЕУ треба да го рационализира своето лидерство и да има едно претседателство, наместо досегашната структура на претседателот на Европскиот совет и претседателот на Европската комисија.
Министерот за надворешни работи стана лидер на партијата Форца Италија по смртта на Силвио Берлускони минатата година. Изборите за Европскиот парламент во јуни ќе бидат првото мерило за популарноста на партијата по губењето на нејзиниот харизматичен поранешен лидер