петок, 18 октомври 2024

СЗО свика итен состанок поради над 100 заболени од мајмунски сипаници во Европа

Објавено на

часот

Сподели

Во она што Германија го опиша како најголемо жариште досега во Европа, случаите сега се потврдени во најмалку пет земји – Обединетото Кралство, Шпанија, Португалија, Германија и Италија – како и во САД, Канада и Австралија.

Првпат откриена кај мајмуните, болеста обично се шири преку близок контакт и ретко се шири надвор од Африка, така што оваа серија случаи предизвика загриженост.

Сепак, научниците не очекуваат жариштето да се претвори во пандемија како ковид-19, имајќи предвид дека вирусот не се шири толку лесно како САРС-КОВ-2.

Мајмунската сипаница е обично лесна вирусна болест, која се карактеризира со симптоми на треска, како и карактеристичен испапчен осип.

„Со неколкуте потврдени случаи во Обединетото Кралство, Шпанија и Португалија, ова е најголемата и најраспространета епидемија на мајмунски сипаници некогаш забележана во Европа“, соопшти медицинската служба на вооружените сили на Германија, која денеска го откри првиот случај во земјата.

Фабијан Лендерц, од Институтот Роберт Кох, го опиша избувнувањето како епидемија.

„Меѓутоа, мала е веројатноста оваа епидемија да трае долго. Случаите може добро да се изолираат преку следење на контактите, а има и лекови и ефективни вакцини што може да се користат доколку е потребно“, рече тој.

Не постои конкретна вакцина против мајмунските сипаници, но податоците покажуваат дека вакцините што биле користени за искоренување на сипаниците се до 85% ефикасни против мајмунските сипаници, според Светската здравствена организација.

Британските власти во четвртокот рекоа дека им понудиле вакцина против сипаници на некои здравствени работници и на други што можеби биле изложени на мајмунски сипаници.

Комисијата на СЗО што треба да се состане ја советува Организацијата за ризиците од инфекција што може да претставуваат закана за глобалното здравје.

Необични случаи

Од 1970 година, случаи на мајмунски сипаници се пријавени во 11 африкански земји. Нигерија има голема епидемија од 2017 година – досега оваа година имало 46 сомнителни случаи, од кои 15 оттогаш се потврдени, според СЗО.

Првиот европски случај е потврден на 7 мај кај лице што се вратило во Англија од Нигерија.

Оттогаш, надвор од Африка се потврдени повеќе од 100 случаи, според академик од Универзитетот во Оксфорд.

Многу од случаите не се поврзани со патување на континентот. Како резултат на тоа, причината за ова жариште е нејасна, иако здравствените власти рекоа дека постои потенцијално одреден степен на ширење во рамките на една заедница.

Во Британија, каде што сега се потврдени 20 случаи, Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство соопшти дека неодамнешните случаи во земјата биле претежно кај мажи што се самоидентификуваат како геј, бисексуалци или мажи што имаат секс со мажи, вели Ројтерс.

14-те случаи во Португалија што беа откриени во клиниките за сексуално здравје се исто така кај хомосексуалци или бисексуалци.

Здравствените власти во Шпанија соопштија дека во петокот се потврдени 23 нови случаи, главно во регионот на Мадрид, каде што повеќето инфекции се поврзани со појава во „сауна за возрасни“.

Премногу е рано да се каже дали болеста се претворила во сексуално пренослива болест, рече Алесио Д’Амато, комесар за здравство на регионот Лацио во Италија. Во земјата досега се пријавени три случаи.

Сексуалниот контакт, по дефиниција, е близок контакт, додаде Стјуарт Нил, професор по вирологија на Кингс колеџот во Лондон.

„Идејата дека во ова има некаков сексуален пренос мислам дека е малку претерана“, рече тој.

Научниците го секвенционираат вирусот од различни случаи за да видат дали тие се поврзани, соопшти СЗО. Се очекува агенцијата наскоро да даде подетални податоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ