понеделник, 28 октомври 2024

Светските лидери го осудија обидот за убиство на Трамп

Светските лидери го осудија атентатот врз Доналд Трамп на неговиот предизборен митинг во Пенсилванија, каде што поранешниот американски претседател беше застрелан во десното уво, додека учесник на митингот и напаѓачот беа убиени, а уште две лица се тешко повредени.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лидерите на многу земји, како што пренесуваат американските медиуми, го изразија својот шок поради настанот, го осудија политичкото насилство и му посакаа на Трамп брзо закрепнување.

Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека „во Америка нема место за вакво насилство“.

„Тоа е болно, тоа е една од причините зошто треба да ја обединиме оваа земја. Не смееме да дозволиме тоа да се случи“, рече Бајден во првата реакција на атентатот на Трамп.

Портпаролот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го осуди пукањето и го нарече „чин на политичко насилство“. Нападот врз Трамп го осуди и високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел, пренесува Гардијан.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида рече дека светот мора цврсто да ѝ се спротивстави на секоја форма на насилство што ја доведува во прашање демократијата.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е „вџашен од шокантните сцени“ на митингот на Трамп во Батлер.

„За политичкото насилство во која било форма нема место во нашите општества и моите мисли се со сите жртви на овој напад“, рече тој.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се сретна со Трамп оваа недела за време на посетата на САД на самитот на НАТО, рече дека се моли за поранешниот претседател „во овие темни часови“.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека „со страв ги следи“ вестите од Пенсилванија и му посака на Трамп брзо закрепнување.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе рече дека атентатот е загрижувачки, додека канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека политичкото насилство никогаш не е прифатливо.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека е шокиран од пукањето, а индискиот премиер Нарендра Моди му посака на својот пријател Трамп брзо закрепнување и оздравување, како што напиша.

Бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва го нарече пукањето неприфатливо и ги повика другите да го осудат.

„Нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп мора силно да биде отфрлен од сите бранители на демократијата и дијалогот во политиката. Она што го видовме денеска е неприфатливо“, изјави бразилскиот претседател откако дознал за атентатот врз Трамп.

Дека во САД нема место за насилство порачаа и двајцата поранешни американски претседатели Барак Обама и Бил Клинтон, кој изјави дека тој и неговата сопруга Хилари со тешко срце ја примиле веста за нападот на Трамп и дека им е благодарен на службите за нивната брза реакција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ