„Мислам дека неговите злосторства против мене не вредат за затворска казна“, изјави Даниелс (44) во интервју за Фокс нејшн, кое ќе се емитува денеска, пренесе Ројтерс.
Трамп во вторникот беше обвинет во Њујорк за фалсификување деловна документација поради наводите дека ги организирал плаќањата на Даниелс и поранешната манекенка на Плејбој Карен Мекдугал пред изборите во 2016 година за да спречи да се објави дека имал сексуални односи со нив.
Сите 34 точки од отпечатеното обвинение против поранешниот американски претседател се однесуваат на одредена деловна евиденција на Организацијата Трамп, за која обвинителите тврдат дека во неколку наврати била преработена со внесување лажни податоци.
Наводните лажирани фактури се однесуваат на фактури издадени на име на Мајкл Коен, или на чековните сметки на Доналд Џ. Трамп во текот на 2017 година, според обвинението, објави Си-ен-ен.
Обвинението од 16 страници даде нови детали за шемата, за која обвинителите тврдат дека вклучувала повеќекратни плаќања на две жени, вклучително и ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс, кои тврделе дека имале сексуални односи со Трамп неколку години претходно, како и на вратар на Трамп кулата што тврдел дека има приказна за наводно вонбрачно дете на Трамп.
Како што јави Си-ен-ен, според обвинението, главниот уредник и извршен директор на Нешнел енкваерер му пришол на Мајкл Коен во 2016 година и му кажал дека Сторми Даниелс тврди дека имала афера со Доналд Трамп.
Коен, се наведува во обвинението, потоа преговарал за тајна исплата за „да се осигури дека Даниелс нема да ја објави аферата“, обидувајќи се да спречи да се откријат штетни информации во последните недели пред претседателските избори.
Трамп, сепак, наводно му наложил на Коен да ја одложи исплатата на Даниелс „што е можно подолго“.
Обвинителите тврдат дека Трамп бил дел од нелегална шема за сузбивање негативни информации, вклучително и незаконско плаќање од 130.000 долари за потиснување информации што би ѝ наштетиле на неговата кампања.
Следното лично сослушување за случајот на поранешниот претседател Доналд Трамп е закажано за 4 декември во Њујорк.
Според законот на државата Њујорк, обвиненијата против Трамп севкупно предвидуваат максимална казна од повеќе од 100 години затвор, но според извештајот на Ројтерс, доколку поранешниот претседател биде осуден, затворската казна речиси сигурно би била далеку помала од тоа.
Трамп ги негира сите кривични пријави против него, а неговите адвокати најавуваат тешка битка за отфрлање на обвиненијата.