среда, 30 октомври 2024

Стерјовски: И Јапонија донира амбулантно возило, ама не вели дека сме Јапонци како што тоа го прави Бугарија

Сите овие донации што ги прават Бугарите, во медиумите се претставуваат како донации за Бугарите во Пустец. Бугарската страна доаѓа и сака да ни ја негира националноста и од петни жили се обидува да станеме Бугари, што ниту сме биле ниту ќе бидеме, изјави Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за евроопска интеграција (МАЕИ) за албанската  ТВ Сот.

Објавено на

часот

Сподели

Стерјовски одговараше на прашања за донација од Бугарија за Здравствениот дом во Пустец и зборуаше за негрижа на албанската влада, како за домот, така и општината во целина.

На здравствениот дом на Општина Пустец навистина му недостасува опрема, возила и слично, констатира новинарот и прашува што има лошо во тоа Бугарија да донира амбулантно возило.

„Виновна е нашата држава, не помага, здравствениот дом е оставен така, а и општината. Кај нас се добредојдени сите странски донатори од која било земја. Сега последно кај нас Јапонија ќе донира еден багер, но Јапонија не бара јапонско малцинство во нашата општина. Саудиска Арабија има донирано. Тие не рекоа дека дониравме за Арапите во Пустец“, вели Стерјовски.

Тој даде и одговор зошто Бугарите го прават тоа. Тие тоа го прават во замена за националноста, одговори Стерјовски.

Во Општина Пустец доаѓале високи македонски и албански функционери, вели тој и оценува дека „општината е призната 80 години, како македонска заедница и служи како мост меѓу двете земји“.

„Затоа доаѓаат сите делегации, македонски и албански претседатели и премиери се среќаваат овде и за тоа сме горди што ја играме оваа улога на поврзување. Но, така не се чувствуваме кога доаѓаат бугарски претставници, бидејќи бугарската страна доаѓа и сака да ни ја негира националноста и од петни жили се обидува да станеме Бугари, што ниту сме биле ниту ќе бидеме“, рече Стерјовски.

Тој додава дека на Здравствениот дом во Пустец неопходна му е опрема и кадар, пред сè лекар.

„Како што ви кажав, обврска на албанската влада е да одговара за тој здравствен дом бидејќи ние сме жители, лојални граѓани на оваа држава. Тоа не е должност на Бугарија“, заклучува Стерјовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ