„Ова се разговори кои ги поздравуваме. И тие денес се одвиваат во рамки на дијалогот со посредување на ЕУ во Брисел и вклучувајќи ја дискусијата за новата валутна регулатива на централната банка на Косово, веруваме дека овие дискусии треба итно да продолжат“, изјави главниот заменик портпарол на Стејт департментот Ведант Пател на конференција за медиумите.
Пател додаде дека дијалогот е единствениот канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите на Белград и Приштина.
„САД беа јасни во изразувањето загриженост по повод новиот указ кој го ограничува влезот и употребата на српскиот динар на Косово, изразивме извесна загриженост во врска со тоа, а исто така ги повторивме нашите повици и до Косово и до Приштина да ги деескалираат тензиите“, кажа заменик портпаролот.
Во Брисел вчера, по одвоените состаноци, беше одржана и тројна средба на главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бисљими со специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак.
Петковиќ по состанокот изјави дека еден од предлозите на Белград за решавање на прашањето на динарот како платежно средство на просторот на Косово е продолжување на работата на Поштенската штедилница.
Лајчак на социјалната мрежа Икс објави дека преговарачите се договориле разговорите да ги продолжат во понеделник, 25 март.