вторник, 22 октомври 2024

Стејт департмент: Договорот за НАТО стапи во сила за Македонија

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен информираше денеска дека со депонирањето на инструментите за ратификација на Договорот за правната положба на НАТО, договорот стапил во сила за Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„На 4. декември 2023 година Република Северна Македонија ги депонираше интрументите за ратификација на Договорот за статусот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал“, соопштува Блинкен.

„Според точка 26, параграф 2, Договорот за НАТО стапи во сила за Република Северна Македонија на 4. декември 2023 година“, се вели во депозитарното известување на Стејт департменот.

Лани во јуни Македонија го потпиша Договорот за правната положба на Организацијата на Северноатлантскиот договор, националните претставници и меѓународниот персонал, усвоен во Отава на 20 септември 1951 година, познат како Договор од Отава, соопшти тогаш Министерството за надворешни работи.

Договорот од Отава, чиј депозитар е Владата на САД, претставува правна рамка неопходна за функционирање на Организацијата на Северноатлантскиот договор и за извршување на службените задачи и обврски на националните претставници на државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во организацијата.

Со овој Договор се регулира внатрешно-правната положба, привилегиите и имунитетите на организацијата, статусот и привилегиите и имунитетите на националните претставници од државите членки на НАТО и на меѓународниот персонал во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ