Од ССМ потенцираат дека со пресудата, за нечии политички, бизнис и олигархиски интереси, се конфискува Работничкиот дом кој е граден од работниците, од синдикална чланарина на нивните членови.
„Признанието на Наќе Георгиев за поткуп кој заедно со други двајца судии ја донесоа срамната Пресуда и фрлија црна дамка на Врховниот суд како и на Македонија како држава, отвара уште поголем сомнеж за мотивите за донесувањето на Пресудата за конфискацијата на Работнички дом, па работниците и јавноста во Македонија и пошироко очекуваат правото и правдата да победат и што поскоро Работничкиот дом да биде вратен на работниците и ССМ или најмалку, процесот да биде вратен на повторно одлучување пред пониските судови, особено сега, кога Врховниот суд и врховните судии се ослободени од влијанието на овој корумпиран судија“, се вели во соопштението на ССМ.
Инаку, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска склучи предлог – спогодба со осомничениот судија во Врховен суд, Наќе Георгиев, за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Георгиев прифатил да му биде изречена казна затвор од три години, и забрана за вршење на професија.
Како што информираа од ОЈО ГОКК, потпишувајќи ја предлог – спогодбата осомничениот Наќе Георгиев не спори дека го сторил кривичното дело и имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.