Харис водеше во Мичиген со два поени, Пенсилванија со 1,1 поени и Висконсин со 1,8 поени. Трамп водеше во Аризона со помалку од половина, а во Џорџија со половина поен.
Трамп водеше со околу три бода во Северна Каролина, кандидатите беа приближно изедначени во Невада. Во Невада, неодамнешните анкети на Си-би-ес и Блумберг ѝ дадоа на Харис предност од два поени, додека вчера Невада Индипендент објави анкета во која Харис има предност од шест поени.
Во четвртокот вечерта, Ејми Волтер, од непартискиот Кук Политикал Рипорт, изјави за ПБС дека пред да влезе Харис во трката, Бајден „значително заостануваше зад Трамп. Во некои држави, дури и за шест поени“.
„Сега кога Харис е во трката, тие бројки значително се движат во нејзина корист“, додаде Волтер.
„Меѓутоа, тоа не ги промени тие држави од оние што го фаворизираа Трамп на оние што сега ја фаворизираат Харис. Тоа само значи дека сега трката веќе не е толку поволна за Трамп како што беше, да речеме, на крајот на јули“, додаде таа.