недела, 6 октомври 2024

Спасувачите во Јабланица спасија мало дете, „Беше под плоча тешка два тона“

Условите за пребарување на теренот во Доња Јабланица денеска се нешто подобри, дождот престанал да врне, па спасувачите со полн капацитет ја продолжуваат потрагата по настраданите од страшната поплава и одрони на ова место.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според Сабахудин Спаховиќ од Федералната управа за цивилна заштита (ФУЦЗ), покрај припадниците на ФУЦЗ, на терен се и спасувачи со кучиња и членови на тимот ХУСАР од Хрватска. Ова е прв тим кој е ангажиран во Јабланица преку меѓународниот координативен механизам за цивилна заштита и Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина.

„Сега на терен работат три лиценцирани кучиња за мртви лица. Успеаја да откријат жртви. На три места куче даде сигнал и чекаме да се создадат услови, бидејќи е многу тешко да се приближиме до тие места, да се обидеме со машини и спасувачи да дојдеме до телата на потенцијалните жртви“, изјави Спаховиќ за Аваз.

Има многу работи кои спасувачите ќе ги паметат засекогаш кога станува збор за Доња Јабланица, но акцијата за спасување на дете веднаш по катастрофата е особено врежана во сеќавањето на Сабахудин.

„Она што ќе ми остане во сеќавање до крајот на животот, нешто што никогаш нема да можам да го извадам од мојата глава, секако е откритието на мало дете. Живо, под плоча која сигурно тежеше два тона. Заедно со мештаните и сите присутни успеавме да го извлечеме детето живо и да го пренесеме до првата медицинска установа. Утрово добив информација дека детето е здраво и дека сè што му треба е обезбедено“, додава Спаховиќ.

Целиот регион е поврзан со солидарност, хуманост и желба да им се помогне на преживеаните од катастрофата во Јабланица. Со благодарност до сите што помагаат, Спаховиќ апелира дека на спасувачите во моментов им е потребна помош не во работна сила, туку во механизација.

„Не ни треба помош во луѓе, потребна ни е помош во камиони, багери, сè друго што ќе ни биде од корист на терен за да почнеме да ги отстрануваме тешките последици од оваа катастрофа. Во моментот кога ќе дојдеме во ситуација да треба да почнеме да ги расчистуваме објектите и сè друго што имаме овде, тогаш преку медиумите и социјалните мрежи ќе апелираме да ни се помогне во работна сила. Дотогаш ги молам сите за трпение, особено да не тргнуваат на пат самоиницијативно, бидејќи така ни прават проблем и нам, и на полицијата, и на сите други“, вели Сабахудин Спаховиќ, член на ФУЦЗ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ