петок, 22 ноември 2024

Со загарантирани работни места Владата ќе се обиде да ги врати младите во Македонија

Едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер покажа дека 62 отсто од младите би се отселиле од Македонија доколку им се пружи шанса, а 77 проценти не би се вратиле назад доколку се отселат, истакна министерот за социјална политика Фатмир Лимани на денешната конференција насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот“. Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески порача дек од следната година приоритет на Владата ќе биде не само да се задржат младите умови во државата, туку и да се вратат голем дел од нив.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како фактори кои влијаат на овие нивни одлуки, како што рече министерот, се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.

„Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд“, потенцира Лимани.

Тој истакна и дека презентацијата на резултатите од анкетата спроведена од Македонската студентска организација во Словенија и излагањата на студентите од Универзитетите во Словенија за тоа како младите гледаат на можноста да се вратат во својата земја за да бидат дел од општествената заедница се патоказите кои треба да ги следиме, ако сакаме да постигнеме успех во решавањето на овој предизвик.

„Следејќи го овој негативен тренд на заминување на младите од државата и нивно останување таму, резултираше со креирање на конкретни политики и стимулативни мерки од страна на  оваа Влада, која се обврзува да ги реализира по секоја цена. Еден од главните приоритети на кои ќе работиме е отворањето на нови работни места за млади, кое може да се постигне преку поддршка за претприемништво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и  обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини“, рече Лимани.

Министерот ги посочи и  партнерства со приватниот сектор, поттикнување на инвестиции од домашни и странски компании, даночните олеснувања и субвенции, формирање на јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации,  инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја, како дел од мерките кои ќе ги преземе оваа Влада.

„Сликата на заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе го замениме со нова слика. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата“, посочи Лимани.

Приоритет на Владата и на Министерството за економија и труд е задржувањето на младите луѓе во земјава. Од следната година приоритет ќе биде не само да се задржат младите умови во државата, туку и да се вратат голем дел од нив со загарантирана работа или со поддршка на нови стартап компании и преку бизнис ангелите, порача заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

„Нашите приоритети се отворање на нови 70 илјади работни места во наредните четири години за млади луѓе, 500 загарантирани работни места за најдобрите студенти од универзитетите во Македонија, како и нови даночни олеснувања на фирмите и компаниите во Македонија за вработување на млади. Предвидуваме и изработка на нови мерки кои ќе произлезат од Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд за отворање на нови бизниси и нови работни места пред сѐ за младите луѓе кои во моментов живеат, работат и студираат во странство“, изјави Ристески

Посочи дека сите млади луѓе кои присуствуваа на денешниот настан во текот на наредната недела ќе бидат поканети во Министерството за економија и труд за да помогнат да се изработат нови мерки во делот на вработување на млади луѓе и новите мерки кои во текот на наредната година ќе ги спроведува Агенцијата за вработување. Мерките, како што кажа, сѐ уште се во работна фаза и верзија, но годинава мора да влезат во програмите и буџетите за наредната година.

„Има голем дел од мерките кои се спроведуваат од Министерството и Агенцијата вработување кои не даваат големи ефекти. Со префрлање на одредени финансиски средства во буџетите за новите мерки кои ќе ги усвоиме до крајот на годинава, за наредната година ќе обезбедиме доволно финансиски средства кои ќе бидат пред се за враќање на младите луѓе во државата со можност да отворат свој бизнис, даночни олеснувања и олеснувања за новите вработувања во нивните фирми што би ги отвориле како стартапи во Македонија“, појасни Ристески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ