„Можам уште еднаш да потврдам дека со восхит, со чиста совест и со полна одговорност преземам задача која граѓаните преку нивните претставници ми ја доверија. Останувам доследен дека работата на Владата ќе биде транспарентна, отчетна, одговорна, пред се пред граѓаните и пред нивните претставници, во интерес на добробит на граѓаните и на напредокот на државата“, истакна Џафери.
Го коментираше тоа што во заедничката фотографија на техничката Влада по нејзиниото изгласување на 141-вата седница ги нема министрите од ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски и Ѓоко Велковски, кои во идните 100 дена ќе раководат со министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и им порача на граѓаните да не ги загрижува сликата што ќе ја видат без нив.
„Бидејќи работата на Владата ќе биде суштинска заедно со нив, затоа што и тие исто како и ние што сме на сликата имаат законска обврска да одговорат на обврската што ја презеле од вас преку оние што гласаа за составот на Владата, но таа обврска е преземена и од тие што не гласаа воопшто, што не беа во салата. Тоа е сликата што сте навикнати да ја гледате и во работата на Собранието – пред камери се зборува едно, а зад камерите после, кога треба да се работи, поинаква е комуникацијата. Затоа не грижете се, бидете спокојни, јас ќе дадам се од себе заедно со тимот кој од ваше име е составен денеска да ги исполни вашите очекувања. Секој кој ќе постапи спротивно, се коси со законот. Во оваа држава има многу закони и прописи што треба да се спроведат“, изјави Џафери, обраќајќи им се на граѓаните.
Во изјавата го коментираше и излагањето на Левица на седницата, порачувајќи дека „тие што спомнале тужби и пријави“ во двата мандата, а особено во вториот мандат, на своите гласачи и граѓани ќе биде добро да им одговорат колку од тие тужби што ги поднеле, ги добиле односно кој е резултатот од тужбите што ги поднеле.